Дополнително, од опозициската партија сметаат оти Собранието треба по скратена постапка да донесе измени и дополнувања на Законот за финансиска поддршка на општините и јавните претпријатија основани од нив, како и да се иницира надзорна седница во парламентот за состојбата во Градот Скопје
Советничката група на СДСМ во Советот на Град Скопје претпладнево на прес-конференција излезе со три конкретни предлози кои, како што велат, би ја решиле кризата во главниот град, откако таа кулминираше со тотален колапс во јавниот градски превоз.

Според партијата, Собранието е потребно по скратена постапка да донесе измени и дополнувања на Законот за финансиска поддршка на општините и јавните претпријатија основани од нив со цел, како што велат, да се обезбеди финансиска стабилност на Градот Скопје.
„Нашите пратеници ќе го поднесат овој предлог. Овој закон беше донесен во 2018 година од нашата влада, кога беа сервисирани долговите на општините, вклучително и долгот на Град Скопје од над 30 милиони денари“,
посочи координаторката на советничката група на СДСМ во Советот, Љубица Јанчева.
Дополнително, повикаа Владата итно да обезбеди 2,5 милиони литри еуродизел гориво од државните резерви на нафта, кои би биле доволни за функционирање на јавниот превоз до крајот на тековната година.
„Ова е мерка што мора да се реализира веднаш, за да се стави крај на агонијата со јавниот превоз“,
додаде Јанчева.
Третиот предлог на СДСМ за справување со кризата во главниот град е пратениците да иницираат надзорна расправа во Собранието за состојбата во Градот Скопје како суверен претставник на волјата на граѓаните.
Се работи, велат од СДСМ, за доброто на сите граѓани, а не за мешање на надлежностите.
„Ги повикуваме сите советници во Советот на Град Скопје да ги поддржат овие предлози и да покажат одговорност. Потребно е обединување на сите политички субјекти за доброто на Скопје. Скопје не смее повеќе да биде жртва на политички битки. ВМРО-ДПМНЕ и Данела Арсовска мора да ја преземат својата одговорност и да почнат да работат за доброто на граѓаните. Не е време за политички препукувања – време е за носење итни, разумни одлуки за решавање на проблемите со кои се соочуваат граѓаните на Скопје, но и сите останати граѓани кои секојдневно престојуваат во Скопје“,
посочуваат од опозициската партија.
Владата за денеска во 14 часот закажа итна седница која, како што дознава „360 степени“ од владини извори, ќе биде посветена на решавање на проблемот со јавниот превоз во Скопје.
