Според премиерот, фокусот сега е на Акцискиот план, затоa што сензитивни прашања не се решаваат во очи на избори
Владата има единствен став за дијалогот со Бугарија, изјави премиерот Зоран Заев, посочувајќи дека во овој период треба да се работи на Акцискиот план, кој значи создавање позитивна клима, унапредување на соработката, но и позитивна клима за политичките прашања.
„Сензитивни прашања не се решаваат во предвечерието на изборите“,
изјави Заев во гостување на емисија на ТВ 24.
Тој вели дека министрите за надворешни работи на двете земји имаат контакти.
„Ставот на министрите е став на Владата, наш заеднички став. Во интерпретациите можете да видите и некои различности во кажувањата. Дефинитивно ние во овој период треба да работиме на Акцискиот план. Акцискиот план значи и создавање на позитивна клима, унапредување на соработката, но и позитивна клима за политичките прашања. Според мене, двајцата министри за надворешни работи имаат контакти, но не треба да ја подигаме надежта дека нешто ќе се случи до изборите во Бугарија“,
изјави Заев.
За оспорувањето на македонската придавка нагласува дека за идентитетски прашања никаде во свет не се преговара, ниту пак ние ќе преговараме.
„Бугарија кога ќе ја прашате, тие викаат ние ја прифаќаме реалноста за постоењето на македонски јазик и македонски народ. Ние тука се согласуваме. Продолжението е ‘ајде да разговараме за историјата’. Ние велиме ‘историјата е на комисијата за историски и образовни прашања, нека ја решаваат историјата’. Јас како претседател на македонската Влада сакам, очекувам, и нашиот народ очекува чисто признавање на македонскиот јазик и на македонскиот народ, а не да кажат ние реалноста ја признаваме ама дај да видиме за минатото и, корењата. Минатото и корењата се мој идентитет. Значи, историјата на мојот македонски народ, историјата на мојот македонски јазик е исто така идентитетско прашање. За идентитетски прашања никаде во свет не се преговара, ниту пак ние ќе преговараме“,
рече Заев.