Владата на денешната седница ги утврди дополнувањата на Предлог-буџет на Република Северна Македонија за 2022 година, кои произлегоа од амандманската расправа во комисиите во Собранието. Со овие измени, дополнетиот Предлог-буџет се враќа на усвојување на пленарна седница на Собранието.
Како што соопшти Владата, утврдено е дека од вкупниот број амандмани, прифатени се 23 во вкупен износ од околу 382 милиони денари.
„Дополнително, на денешната седница на предлог на Министерството за финансии Владата на Република Северна Македонија да ги усвои и следните измени како дополнување на Буџетот за идната година: Зголемување на средствата во Министерството за информатичко општество и администрација во износ од 250 милиони денари за реализација на програмските активности на Македонската радио телевизија; зголемување на средствата во Уставен суд на Република Северна Македонија во износ од 1 милион денари за избор на нови уставни судии; зголемување на средствата во Финансиска полиција во износ од 1 милион денари за преземени обврски за набавка на возило, како и некои други“,
се наведува во соопштението.
Владата денеска го утврди и текстот на Предлог-одлуката за прераспределба на средства помеѓу буџетските корисници на централната власт и помеѓу фондовите со заклучок таа да биде доставена на усвојување на Собранието на Република Северна Македонија.