„За платите ќе има 5,5 милијарди денари од кои две одат за основно и средно образование. Останатие 3,5 милијарди се за зголемување и на останатите плати, а најверојатно и за зголемување на минималецот“, изјави на денешната прес-конференција министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска
Владата на денешната седница го усвои Предлог-буџетот за 2025 година, според кој, вкупните буџетски приходи се проектирани на 358 милијарди денари, односно 5,8 милијарди евра, што е за 13 отсто повеќе од Буџетот за 2024 година. Вкупните расходи е предвидено да изнесуваат 400 милијарди денари, односно 6,5 милијарди евра, што е раст од 10 проценти во однос на Буџетот за 2024 година, а буџетскиот дефицит е проектиран на четири проценти.

Со предложениот буџет за 2025 година, како што истакна министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска на денешната прес-конференција, креирани се политики со кои се поддржува животниот стандард. Предвидени се средства за мартовското зголемување на пензиите од 2 500 денари. За таа намена, како што рече, обезбедени се 105 милијарди денари, односно 15 милијарди повеќе од оваа година.
За платите, како што рече, обезбедено е зголемување од 3,5 милијарди денари, или вкупно 48 милијарди денари за оваа намена, плус две милијарди денари за зголемувањето на платите во образованието.
„За платите ќе има 5,5 милијарди денари од кои две одат за основно и средно образование. Останатие 3,5 милијарди се за зголемување и на останатите плати, а најверојатно и за зголемување на минималецот. Средства се предвидени, плус има и бафери ако се постигнат и други договори од планираното. Нека завршат разговорите во Економско-социјалниот совет, најважно е дека има срества 5,5 милијарди плус бафери“,
рече Димитриеска-Кочоска на денешната прес-конференција презентирајќи го Предлог-буџетот за 2025 година.
За поддршка на ранливите категории граѓани во Предлог-буџетот за 2025 година се предвидени 14,5 милијарди денари или 500 милиони денари повеќе. За здравствена заштита се обезбедуваат 5,2 милијарди денари повеќе средства од тековната година или вкупно 53,4 милијарди денари.
Во Предлог-буџетот за 2025 година се предвидува економски раст од 3,7 проценти и инфлација од 2,2 проценти.
Капиталните расходи се на ниво од 50,65 милијарди денари, што е раст од 13 проценти или шест милијарди денари во однос на ребалансот на Буџетот. Според министерката, од оваа ставка за капитални инвестиции не може да се крати, зашто најмногу средства се предевидени од кредити.
„Никогаш со кредити не биле финансирани толку проекти како сега. Во САД минатата недела имав разговори со Светската банка и бевме опоменати дека изминатите неколку години воопшто не се внимавало на реализација на проектите што тие ги финансираат. Денеска на владина седница многу разговаравме за реализација на тие проекти. Нема причина да се сомневаме дека нема да има реализација. Суштината е како ќе се организираат министрите. Овие министри се подготвени, работат напорно за да може да се одглават проектите кои беа заглавени. Ако ги одглавиме проектите, ќе има реализација. Ако зборуваме за парите во капитални инвестиции, зборуваме за реални инвестиции, а не за трансфери како во изминатиот период, кои завршуваа за исплата на плати или за купување суровини“,
рече Димитриеска-Кочоска.
Буџетот за 2025 година, како што посочи министерката за финансии, содржи мерки за фискална консолидација и дисциплинирано даночно трошење, како и мерки и политики за поттикнување на економскиот раст.