Овој модел, како што оценуваат од владиниот кабинет, е во насока на создавање едуцирани и одговорни граѓани, воспитувани во духот на граѓанските и демократските вредности
Владата, на денешната седница, дала целосна поддршка и ја усвоила Концепцијата за основно образование за која, како што се посочува, во подготовката беа вклучени сите засегнати страни. Како што велат од Владата, се слушнаа и се прифатија стручни мислења од експерти, универзитетски професори, претставници од МАНУ, наставници граѓански и меѓународни организации. Во подготовката на документот, се наведува понатаму, од самиот почеток активно беше вклучен и репрезентативниот синдикат СОНК, а се одржаа низа консултативни состаноци со засегнати страни и широка јавна расправа во Собранието.
„Со дел од усвоените стручни мислења, Концепцијата за основно образование во фокусот ги става учениците и нивното право на квалитетно образование.Концепцијата е во најдобар интерес на децата и во насока на создавање едуцирани и одговорни граѓани, воспитувани во духот на граѓанските и демократските вредности на општеството што е и основен постулат на Конвенцијата за правата на децата на ООН“,
се наведува во соопштението од седницата на Владата.
Посебно место во Концептот на основно образование, како што се наведува, има континуираниот професионален развој на наставниците насочен кон стекнување и пренесување нови знаења за практичниот аспект на работата, според стандардите за квалитет на воспитно-образовниот процес, согласно со европските трендови.