Меморандумот се очекува да биде потпишан за време на заедничката седница на двете влади, која ќе се одржи утре во Софија, за што владина делегација предводена од премиерот Димитар Ковачевски денеска замина во официјална посета на Бугарија, каде што за попладнево е најавен официјален пречек
Владата на денешната седница го разгледа и го прифати усогласениот текст на Меморандум за разбирање за развој на железничко поврзување меѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија, Скопје-Софија.
Меморандумот се очекува да биде потпишан за време на заедничката седница на двете влади, која ќе се одржи утре во Софија, за што владина делегација предводена од премиерот Димитар Ковачевски денеска замина во официјална посета на Бугарија, каде што за попладнево е најавен официјален пречек.
Со документот се изразува согласност за формирање на заедничка Работна група составена од експерти со соодветен професионален капацитет и експертиза во области како што се управување со проекти, европско и меѓународно право, инженерство и управување со финансии, со цел да се забрза процесот на подготвителните и имплементациските активности за Проектот.
Меморандумот е подготвен во насока на развојот на добрососедските односи меѓу двете земји, како и потребата од зајакнување на економските и трговските активности и ја истакнува заедничката цел за развој на „Проектот за железничко поврзување Скопје-Софија“, кој е од заеднички и регионален интерес и има значително стратегиско и економско значење за граѓаните и економиите на двете држави, велат од Владата.
Согласно Меморандумот, Работната група ќе се состанува најмалку четири пати годишно на експертско ниво за да работи на напредокот на спроведувањето на проектот.
Заедничката седница состанок на владите на Бугарија и Северна Македонија ќе се одржи утре во резиденцијата „Бојана“ со воведно обраќање на премиерите Петков и Ковачевски.
Заедничката седница следува по минатонеделната официјална посета на бугарскиот премиер Петков на Скопје кога беше договорено формирање на работни групи од двете страни кои интензивно треба да работат за надминување на недоразбирањата и интензивирање на соработката меѓу двете земји.
Северна Македонија и Бугарија во периодот што претстои, а во рамки на новата динамика на соработка, која ја најавија двајцата премиери Димитар Ковачевски и Кирил Петков, треба преку состаноците на работните групи да ги приближат позициите во повеќе сфери, да се фокусираат на она што е практично остварливо во моментот, а со тоа да се отвори пат и за пронаоѓање решенија за потешките прашања и конечно надминување на спорот и одблокирање на почетокот на првата меѓувладина конференција на Северна Македонија и Европската Унија.