Владата, преку соопштение, ги осуди вербалните напади врз дописничката на МИА од Брисел.
„Владата цврсто стои зад слободата на говор и слободното новинарство и има нула толеранција за заплашување и закани кон новинарите. Безбедно известување и слобода на мисла, говор и делување во медиумите е наша суштинска, сегашна и долгорочна заложба, на која посветено работиме. Ги повикуваме МВР и Јавното обвинителство веднаш да постапат за расчистување на бруталните закани и родово базираните повици на насилство кон новинарката“,
се вели во владиното соопштение
Пред неколку дена Милевска на Твитер реагираше на видео објавено на фејсбук во кое унгарскиот премиер застана во поддршка на ВМРО-ДПМНЕ нарекувајќи ја земјава Македонија.
Прашањето на Милевска „Дали Унгарија го признава нашето уставно име кое е Северна Македонија“ предизвика лавина остри реакции, закани, говор на омраза на социјалните мрежи и на дел од порталите во земјава на што реагираа новинарските здруженија, но и Европската комисија.
„Секој напад врз новинарите е неприфатлив и треба да биде осуден. Новинарите треба да бидат во можност да ја работат својата работа ослободени од насилство, вознемирување и заплашување. Слободата на медиумите е камен-темелник на демократијата и е во ДНК-то на Европа. Демократијата не може да функционира без слободни и независни медиуми, а почитувањето на слободата на изразување е од суштинско значење“,
се вели во денешната реакција на Европската комисија.