Владата, како што потенцира вицепремиерот, е надлежна и одговорна за преговорите со ЕУ, но тоа никако не значи дека процесот ќе го води само Владата. Оваа тешка и сложена задача, како што посочи, бара вкученост на целото општество
Владата има волја и е подготвена да отвори разговори во насока на носење закон за преговори со членство во Европската Унија, изјави денеска вицепремиерот Бојан Маричиќ за време на седницата на собраниската Комисија за европски прашања чија единствена точка на дневниот ред беше информацијата за досегашниот тек на скринингот на земјава.
Владата, како што потенцира вицепремиерот, е надлежна и одговорна за преговорите со ЕУ, но тоа никако не значи дека процесот ќе го води само Владата. Оваа тешка и сложена задача, како што посочи, бара вкученост на целото општество.
„Сега треба да ја искористиме таа можност и за уставните амандамни и за дискусијата околу уставните амандмани да не ја пропуштиме можноста сите да учествуваат во нив затоа што има механизми. Ние сме подготвени дури и да разговараме и за закон за преговори за членство во ЕУ во којшто ќе ги решиме сите прашања, па дури и зајакнатата улога на Собранието доколку се покаже како тешко или неизводливо да се промени собранискиот Деловник, што знаеме дека е предизвик повеќе години свесни сме сите. Така што, подготвеност и политичка волја има, дајте да го направиме во интерес на граѓаните да одиме побрзо“,
рече вицепремиерот одговарајќи на пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Во своето обраќање во Комисијата, тој им порача на пратениците дека од сите нив зависи дали 2023 година ќе биде година за паметење во која ќе се донесе стратегиска одлука која треба да го одреди правецот на државата во следните десет години или ќе биде година кога Северна Македонија ќе доживее уште една блокада, но овој пат, како што рече, предизвикана од самите нас.
„Јас сум сигурен дека нашата држава и нашето општество ќе најдат доволно сила за да ја донесеме вистинската одлука и 2023 да биде година која што ќе биде клучна одредница која што ќе го забрза нашиот пат за да стигнеме до нашата цел а тоа е 2030 година да ја дочекаме како држава членка на Европската Унија“,
рече Маричиќ.
Оваа година, како што истакна Маричиќ, мора да ја сметаме за година во која успешно ќе биде завршен скрининг-процесот, година во која ќе се донесат важни реформи, но, како што посочи, и година на обединување и политички консензус за напредок во преговорите и отворање на поглавјата со комплетирање со неопходните уставни измени утврдени во преговарачката рамка.