Препораките се донесени по информација на Министерството за здравство, Институтот за јавно здравје и метео-алармот на УХМР
Високите температури кои се очекуваат во Македонија во наредните три дена го вклучија алармот кај надлежните. На денешната владина седница, на препорака на Министерството за здравство, согласно информациите од Институтот за јавно здравје и метео-алармот на Управата за хидрометеоролошки работи за појава на топлотен бран беа донесени неколку мерки за превенција.
Пред сè, од работни обврски во овој период се ослободуваат бремените жени и лицата на возраст над 60 години. Дополнително, се препорачува работодавачите да ги реорганизираат работните активности на градежните работници и на работниците кои работат на отворено со тоа што ќе се избегнува вршење активности на отворено во периодот од 11 до 17 часот.
„Со оглед на фактот дека одредени ризични производни и технолошки процеси може да претставуваат дополнителен ризик по здравјето на изложените работници, се потсетуваат работодавците на обврската за почитување на законските прописи од оваа област“,
се вели во соопштението од Владата.
Во установите за згрижување на децата се препорачува да не се практикува физичка активност и да не ги изнесуваат децата на отворено во периодот од 11 до 17 часот, а единиците на локалната самоуправа, Црвениот крст и Центрите за социјални работи во регионите зафатени со топлотниот бран да пружаат помош на осамени, стари, изнемоштени лица и бездомници.
„Територијата на целата држава ќе биде зафатена од високи температури од портокалова фаза и согласно Акциониот план на Министерството за здравство за превенирање на последиците од топлотните бранови врз здравјето на населението ќе се превземаат акции предвидени за ФАЗА 2 – ПОРТОКАЛОВО НИВО на топлотни бранови“,
велат од Владата.