На денешната седница се решаваше и кои училишта ќе добијат дозвола за работа со физичко присуство, согласност има за 169 основни и за само четири средни училишта
Се отвораат студентските и средношколските домови, кои беа затворени во почетокот на епидемијата на ковид-19 во земјава. Сепак, тие ќе рабтат под посебни протоколи и со редуциран број на станари во собите. Од буџетот ќе им се исплаќа надоместок за приватно сместување на ученици и на студенти за кои нема да остане место во домовите.
На денешната владина седница е прифатена препораката на Комисијата за заразни болести во врска со отворањето на студентските и средношколските ученички домови, според која тие треба да бидат отворени со почитување на протоколите за сместување. Тоа значи дека во една двокреветна соба може да биде сместено само едно лице, а во соба со над два кревета може да бидат сместени максимум две лица.
Во оваа насока, Владата ќе достави до Собранието измени на законите за студентски и за ученички стандард. Со измените се уредува дека во вонредни околности на студентите и на учениците кои конкурирале за сместување во студентските и ученичките домови и на кои им се одобрени барањата за сместување, но заради намалениот број на сместувачки легла не може да се сместат во студентски дом, ќе им се исплаќа месечна сума за покривање на трошоците за приватно сместување, односно за превоз од местото на живеење до местото на студирање, за чија висина одлучува Владата.
Студентите и учениците ќе се пријавуваат на интернет платформата www.digitalizirajse.mon.gov.mk,.
Се оценува дека заради намалениот капацитет на користење на сместувачки легла во студентските домови, приватно сместување или превоз од местото на живеење до местото во кое се одвиваат студиите ќе користат 884 студенти и 347 ученици.
На седницата, Владата ја прифати препораката на Комисијата за заразни болести, која, по укажувањата на Министерството за образование и наука за потешкотиите со кои се соочуваат децата со посебни образовни потреби во следе е на онлајн настава, одобри настава со физичко присуство на овие ученици. Но наставата треба да се реализира со мал број на деца во различни смени и со целосно почитување на протоколите, а училиштата кои имаат интернатско сместување да ги опфатат само своите ученици. Притоа, во една двокреветна соба може да биде сместено само едно лице, а во соба со над два кревета може да бидат сместени максимум две лица.
На денешната седница на Владата е усвоен и извештајот за работата на Комисијата за разгледување на поднесени барања за организирање на настава со физичко присуство.
Комисијата предлага согласност за настава со физичко присуство да добијат 169 училишта од кои: 6 државни за деца со посебни образовни потреби, 1 приватно средно училиште со одобрение за експериментална настава во основно образование, 15 централни општински основни училишта, 147 подрачни основни училишта. Условите, пак, не ги исполнуваат 32 централни општински основни училишта, 11 подрачни основни училишта и 2 приватни училишта.
За организирање настава со физичко присуство во средните училишта биле доставени вкупно 66 барања, од кои Комисијата предлага согласност да добијат 4 училишта: 2 државни за деца со посебни образовни потреби, 1 приватно и 1 општинско средно училиште. Делумна согласност за реализација само на стручните предмети и практичната настава ќе добијат 10 училишта (5 уметнички, 4 општински училишта и 1 државно училиште – спортска академија).
На предлог на Комисијата за заразни болести денеска Владата ги усвои и Протоколот за работа на природните лекувалишта за услови на пандемија со ковид-19, како и Протоколот за работа на едукативните центри, музички училишта и центри/училишта за странски јазици во услови на епидемија со ковид-19.
Во однос на работата на кината, театрите, оперските и балетските претстави, другите манифестации со филмски проекции, мултимедиумските проекти, фестивалите и други манифестации од дејноста на културата, Владата го прифати мислењето на Комисијата за заразни болести согласно кое за овие дејности ќе важи веќе донесениот Протокол за организирање на настани.