Ноќеска на полноќ заврши прогласената кризна состојба поврзана со мигрантската криза која беше на сила изминатите шест месеци и поради блокадата на Собранието таа не беше продолжена, поради што претседателот Пендаровски нареди повлекување на војската од јужната и од северната граница
Владата на денешната седница го усвои Записникот од седницата на Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи и донесе Одлуката за постоење на кризна состојба на дел од територијата на државата, заради висок ризик од зголемен обем на влез и транзитирање на мигранти низ територијата и заради заштита на јавното здравје од илегална миграција во услови на постоење на пандемија.
Со оваа одлука кризната состојба на дел од територијата се определува најмногу до 30 дена, почнувајќи од денеска, за што ќе му се предложи на претседателот на државата да донесе одлука за учество на дел од припадниците на Армијата во справувањето со кризната состојба.
Ноќеска на полноќ заврши прогласената кризна состојба поврзана со мигрантската криза која беше на сила изминатите шест месеци и поради блокадата на Собранието таа не беше продолжена.
Поради ова претседателот, Пендаровски денеска соопшти дека од началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, побарал да ја повлече војската од јужната и од северната граница, бидејќи со истекот на одлуката нема правна основа за ангажман на Армијата во обезбедување на државната граница.
Кризната состојба на јужната и северната граница трае веќе неколку години и постојано се продолжува за да може да биде ангажирана и Армијата, а ново продолжување требаше да изгласа Собранието, но тоа не се случи поради блокадата.
Предлог-одлуката за кризната состојба е една од точките што со амандмани ги блокира коалицијата на Алијанса за Албанците и Алтернатива во парламентот, која условува со носење на законот за државјанство.