Меморандум за разбирање меѓу Владата и Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), кој се однесува на соработката за поддршка на процесот за членство во Европската Унија е донесен на вечерашната владина седница.
Овој Меморандум, како што се посочува, има за цел да обезбеди рамка за соработка меѓу Владата и Банката, со цел поддршка на процесот за членство на земјата во ЕУ, преку комбинација на инвестиции и техничка помош и ќе се фокусира на зајакнување на конкурентноста на приватниот сектор и инклузивен раст, на одржлива инфраструктура и транзиција кон зелена економија, вклучувајќи ги и приоритетите за регионална поврзаност и на зајакнување на инвестициската клима и управување.
На оваа седница, Владата донесе заклучок од буџетските резерви да им биде доделена парична награда од по 10 000 евра во денарска противредност на сите членови на фудбалска репрезентација на Северна Македонија за историскиот успех за пласман на Европското првенство.
На денешната седница, Владата го одобри и барањето за македонско државјанство на Џекоб Даниел Вајли, роден во 1994 година во Лонг Бич, Лос Ангелес, САД бидејќи го исполнува условот за особен интерес за државата од аспект на спортот.
