Со новата мерка на Владата, на над 50 производи во 24 категории од пекарската, млечната, месната индустрија, им е намалена цената за 10 проценти во однос на цената која ја имале на 1 август
Владата денеска треба да донесе одлука за намалување на цените на пијалаците. До крајот на неделава се очекува да биде завршена анализата со владините мерки да бидат опфатени и хигиенските производи. За непочитување на одлуката за гарантирани цени на дел од прехранбените производи, што е во сила од минатата недела, Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) веќе затвори неколку маркети.
Како што најави министерот за економија Крешник Бекшети, денеска ќе има одлука за намалување на цените на безалкохолните и алкохолните пијалаци.
„За хигиенските производи најверојатно во текот на оваа недела ќе бидат завршени сите консултации и ќе видиме дали има простор да се донесат одредени мерки“,
изјави вчера Бектеши кој со премиерот Димитар Ковачевски ја посетија компанијата „Алма-М“ во Визбегово.
Со новата мерка на Владата, на над 50 производи во 24 категории од пекарската, млечната, месната индустрија, им е намалена цената за 10 проценти во однос на цената која ја имале на 1 август.
„Кај одредени категории и производи веќе има намалување на производите над 10 проценти, а кај некои намалувањето е од 30 до 40 проценти. Во маркетите овие производи веќе добија ознака „гарантирана цена“. Со оваа мерка заеднички и солидарно даваме поддршка на нашите граѓани“,
изјави Ковачевски.
Следниот месец, како што најави премиерот, ќе бидат направени и анализите за деветиот пакет антикризни мерки кои ќе бидат насочени кон ранливите категории на граѓани и кон сите оние што во време на криза не остваруваат дополнителни приходи.