„Доколку работната група оцени согласно стандардите наведени за стратегиски инвестиции, дека тоа е добар проект, тогаш се поднесува до Владата. Додека нема оценка за можната предложена идеја за инвестиција, дотогаш Владата не може да носи одлука“ вели Ковачевски на прашањето што мисли за изградбата на филмски град и дали Владата позитивно ќе одговори на повикот на актерот Џон Малкович
Стратегиските инвестиции се анализираат од повеќе аспекти и додека нема оцена од работната група дали станува збор за добар проект, Владата не може да донесе одлука, потенцира премиерот Димитар Ковачевски на прашање поврзано со проектот за изградба на филмски град. Темата за филмските студија се актуализира со посетата на холивудскиот актер Џон Малкович, еден од партнерите на групата инвеститори, кој вчера од Скопје побара поддршка за проектот „Стоунбриџ студиос“.
„Се работи за проект поднесен од група приватни инвеститори и се разгледува од работна група која работи на оценка на стратегиските инвестиции. Овие инвестиции се гледаат од многу аспекти – дали има обезбедено простор, начинот на финансирање, што ќе прави на тој простор, дали во овој случај ќе прави филмски студија или планира да прави станбен простор, сè тоа ќе се разгледа. И доколку работна група оцени согласно стандардите наведени за стратегиски инвестиции, дека тоа е добар проект, тогаш се поднесува до Владата. Додека нема оцена за можната предложена идеја за инвестиција, дотогаш Владата не може да носи одлука“,
рече Ковачевски на прашањето дали Владата ќе одговори позитивно на повикот од актерот Малкович.

Малкович вчера во винарницата „Камник“ на прес-конференција, без можност за новинарски прашања и без детали за проектот, побара поддршка од јавноста за ова да стане успешна приказна која самиот ја нарече „златна шанса за сите Македонци“.
„Како актер сум патувал надалеку и нашироко. За време моите патувања запознав многу земји кои оставија неизбришлива трага на мене. Секако, Северна Македонија е едно од тие посебни места. На ова патување, од прва рака го видов огромниот потенцијал и талент што оваа земја го поседува. Цврсто верувам дека проектот ’Стоунбриџ студиос‘ е златна шанса за сите Македонци. Овој потфат не е само за изградба на филмско студио. Тој претставува конвергација на уметноста, креативноста и економскиот раст. Ја претставува иднината и ќе донесе илјадници нови работи места и ќе послужи како фундамент за нова, посветла економска иднина за сите Македонци“,
рече Малкович.
Уверувајќи дека со проектот земјава ќе се впише на глобалната сцена на филмската и музичката индустрија, актерот не сподели детали во која фаза се наоѓа реализацијата, но на крајот од неговото излагање посочи дека се прославува основањето на студиото.
На прославата во винарницата, во делот затворен за новинарите, меѓу присутните гости бил и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој на Фејсбук објави фотографии со Малкович и напиша дека тема на разговор бил проектот за филмските студија.
„На вечера со Џон Малкович и разговор за развојните проекти и филмските студија. Македонија мора да фати чекор со глобалните текови, нашата борба е да се развиваме во секој можен сегмент“,
напиша Мицкоски.
Малкович е еден од партнерите во студиото „Стоунбриџ“. Уште едно звучно име кое стои зад проектот е актерот Мет Дилон, а тука се и соосновачот на студиото Ерик Брнс и претседателот Иван Видаковиќ, српски бизнисмен.
Во анализата што лани ја направи „360 степени“ се покажа дека групата чиј дел е Малкович и која бара да стане стратегиски инвеститор за да им бидат намалени многу од трошоците, всушност, сака да гради и деловно-станбен комплекс на Качанички Пат, веднаш до касарната „Илинден“. Пред неколку месеци директорот на Технолошко-индустриските зони Јован Деспотовски изрази негативно мислење за проектот велејќи дека групата сака прво да продава станови, па да гради филмски студија.
Со јавна реакција инвеститорите се јавија преку компанијата регистрирана во земјава „СТП капитал партнерс холдинг“ одговарајќи му на Деспотовски оти не е точно дека сакаат прво да градат згради и да продаваат станови, туку дека целта е да добијат статус на стратегиска инвестиција за да започнат со изградба на филмските студија и другите содржини. Меѓу тие содржини, како што река, има ексклузивни станови за сместување на филмските уметници по нивни вообичаени стандарди, на ИТ-извршните директори и ИТ-номади од целиот свет, како и станови за сместување на странските студенти кои би се образувале во горенаведениот универзитетски центар.