Владата во соопштение до јавноста информира дека одлуката со која се забранува влез и излез од и во подрачјето на територијата на Општина Куманово со градски и меѓуградски патнички и железнички патнички јавен превоз, се однесува исклучиво на редовниот комерцијален превоз на патници.
„Владата им препорачува на економските оператори што имаат големи производствени и продажни капацитети на подрачјето на општина Куманово, доколку за тоа имаат потреба, да продолжат да го обезбедуваат пристапот до нивните објекти доколку имаат организиран и контролиран посебен превоз и да го приспособат своето работење со редуциран број на вработени“
стои во владиното соопштение.
Новите мерки за забрана на комерцијалниот сообраќај беа воведени откако во Куманово беше регистриран првиот смртен случај од коронавирусот во земјава, а бројот на новозаболени достигна 15 лица.
Градоначалникот Максим Димитриевски во неколку наврати бараше од Владата да биде воведен целосен карантин по примерот на кризните подрачја Дебар и Центар Жупа. Дополнително Општината побара и полицискиот час да почнува од 18 часот.