Денешниот протест на транспортерите од „Макам-транс“, кои со камиони и шлепери од повеќе градови застанаа пред владината зграда и побараа укинување на одлуката за зголемување на акцизата на горивата, според Владата е неоснован.
Во соопштение до јавноста, Владата посочува дека промената на цената на акцизата е незначителна во споредба со падот на цената на нафтата од јануари досега.
„Владата на Република Северна Македонија го уважува демократското право на протест на сите граѓани во земјата, но ја информира јавноста дека цената на акцизата на нафтата не предизвика никаков ценовен шок, напротив, имаме најниска цена на нафта во регионот и најниска цена во изминатите 10 години. Во услови кога цената на нафтата е падната за 20 денари, зголемување на акцизата од 3 денари како антикризна мерка е оправдано и истото нема да се одрази на цените на транспортните услуги“,
се вели во соопштението на Владата.
Оттаму додаваат дека Македонија има најниска цена на нафтените деривати во регионот, а дополнително, како што велат, компаниите се поддржани со бескаматни кредити.
„Поради изнесените факти, тврдењата дека зголемувањето на акцизата ќе се одрази негативно на цените и дека ќе трпи транспортната, или другите дејности врзани за нафтените енергенси, се финансиски неоправдани и неосновани. Напротив, транспортните компании на почетокот на годината кога ги креирале своите финансиски планови не предвиделе ваков пад на нафтата, согласно тоа истите веќе остваруваат заштеди по основ на цените на нафтата кои ги плаќаат“,
се вели во соопштението на Владата.
Од Владата додаваат дека предложениот механизам овозможува и постепено враќање на постојните износи на акцизи во услови на нормализирање на цените на пазарот, што се очекува тогаш кога ќе заврши кризата предизвикана од коронавирусот.
Поврзана вест:
