Владата на денешната седница разгледа и усвои Информација во врска со одлуката за продолжување на постапката за основање на Туристичка развојна зона „Сарај – Езеро Треска“.
„Владата на Северна Македонија одлучи дека постапката за основање на Туристичка развојна зона „Сарај – Езеро Треска“ ќе се спроведува согласно Законот за туристички развојни зони со уредени погодности за инвестирање во проекти со посебна намена“,
соопшти владината прес-служба.
Инаку, градоначалникот на општина Сарај, Блерим Беџети, кон крајот на јануари презентираше што планира за околината на езерото „Треска“, месец дена откако ги извести единствените „жители“ на некогаш популарниот рекреативен комплекс, да си ги отстранат камп-приколките. Беџети рече дека тие направиле Урбанистички план, а другите детали ќе ги утврди инвеститор кој ќе го бара Владата.
Според документот кој е Урбанистички план за надвор од населено место, а кој претходно го објави „360 степени“, комплексот е поделен на 4 блока.
Во Блок 1, кој го опфаќа брегот на езерото, може да има спортски терени, аква-парк, игралишта, ботаничка градина, а мал процент може да биде и за дуќани или хотели. Во Блок 2 се планирани викенд-куќи кои ќе треба да се градат од дрво и камен, со почитување на шумскиот фонд. Во Блок 3 примарно е предвиден хотелски комплекс, но 40 тосто од просторот може да биде и за мали и големи трговски единици, култура, здравство. Нема да се гради на целиот простор бидејќи под дел од блокот се бунарите Треска-Лепенец. Во Блок 4 е предвидена градба на трговски центар.
Бидејќи планот не утврдува каде точно ќе бидат сите овие објекти, не е до крај јасно што ќе остане од сегашното зеленило околу езерото. Она што треба да биде заштита во планот во овој блок е објаснето со реченицата „во градежната парцела се дозволени дејности и активности кои нема да предизвикаат негативно влијание врз квалитетот на водата во езерето“.