Попладнево во Брисел ќе се одржи состанокот за отпочнување со скрининг процесот. На овој состанокот, воведно обраќање и образложување на позициите на државата ќе има вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, а ќе говори и министерот за надворешни работи Бујар Османи.
Како што соопштија од владината прес-служба, скринингот ќе се состои од две под-фази односно процеси.
„Едниот од процесите е објаснувачки скрининг, на кој Европската Комисија ќе направи ажурирање на релевантното право на ЕУ со оглед на тоа што се поминати неколку години од одржувањето на првичните објаснувачки состаноци, а истовремено на овој ќе тече и уште еден процес на билатерален скрининг“,
велат оттаму.
Преку билатералниот процес земјата ќе треба да го презентира степенот на усогласеност со правото на ЕУ и плановите за понатамошно усогласување, градење на институционалните и административните капацитети, како и потребните човечки, финансиски и ИТ ресурси за спроведување на европските стандарди.
„Овие процеси ќе се спроведуваат во период кој би траел најмалку една година и согласно новата Методологија на ниво на кластери. Календарот за спроведување на скринингот ќе се дефинира во соработка со Европската Комисија“,
соопшти владината прес-служба.
Денеска Северна Македонија официјално ги почна пристапните преговори со Европската Унија. Во зградата на Европскиот совет во Брисел претпладнето се одржа првата меѓувладина конференција со ЕУ, а веднаш за попладнево беше најавено отпочнувањето на скрининг-процесот. Премиерот Димитар Ковачевски на меѓувладината конференција се обрати на македонски јазик, оценувајќи дека ова е историски ден за нашата држава.