Доделените пари не се за помош на МПЦ и на ИВЗ, туку за реализирање на студиските програми на овие трите образовни институции: Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово, на Православниот богословски факултет „Св. Климент Охридски“ – Скопје и на Факултет за исламски науки – Скопје.
Со ваква реакција излегоа од владината прес-служба откако беше објавено дека се доделени пари за двете верски заедници.
Од Владата тврдат дека ова е само спроведување на исклучиво постара одлука, на која ѝ претходела владина одлука од седница на 16 февруари.
„Одлуката е донесена врз основа на Законот за високото образование донесен во 2008 со кој овие институции се стекнаа со статус на приватно-јавни непрофитни високообразовни установи, покрај од средствата на основачите и од Буџетот, се обезбедуваат и од други извори определени со закон“,
велат од Владата.
Со одлуката, како што веќе објавивме, на православниот и за исламскиот факултет се доделуваат околу 120 000 евра.
На Православниот богословски факултет „Св.Климент Охридски“, кој е дел од Универзитетот „Св Кирил и Методиј“, му се доделени 4 500 000 денари (околу 73 000 евра).
На Факултетот за исламски науки – Скопје, пак, му се доделени 3 000 000 денари (речиси 49 000).