Владата на тематска седница што се одржа вечерва го разгледа напредокот на проектите финансирани преку ИПА 2 и проектите што се финансираат од меѓународните финансиски институции со прогрес за нивна реализација.
Како што соопшти владината прес-служба, Владата донесе заклучоци со задолженија до министерствата и до сите останати институции надлежни за имплементација на проектите, до Министерството за финансии да достават акциски план за нивната реализација.
Тие акциски планови ќе бидат основа за Министерството за финансии кое најдоцна до 15 јули годинава ќе подготви соодветен материјал, кој ќе се разгледа на наредната тематска седница за да се утврди напредокот на проектите кои се финансираат преку ИПА 2 програмите.
На владината седница е разгледана информацијата за статусот на проектите што се финансираат од меѓународни финансиски институции и билатерални кредитори и донесе соодветни заклучоци за динамиката на изведувањето на проектите и за искористеноста на заемите и инвестициските грантови за нив.