Премиерот Димитар Ковачевски, велат од Владата, на состанокот истакнал дека тие се отворени за дијалог за воспоставување систем за раст на платите, но тој дијалог нема да биде условуван и предизвикуван од штрајкови

Претставници на Владата, предводени од премиерот Димитар Ковачевски, и претставници на СОНК во текот на викендов ќе го продолжат дијалогот и наредните денови ќе го утврдат точното зголемување на платите за наставниците, воспитувачите и негувателките, со цел од понеделник децата да продолжат со настава.
Ваква информација споделија од владината прес-служба по состанокот што се одржа денеска.
„Претставниците на Владата и претставниците на СОНК се договорија во наредните денови да се утврди процентот за зголемување на платата кое ќе се испланира и потенцијално реализира со ребалансот на Буџетот, по што учениците од основното и средното образование од понеделник би се вратиле во училишните клупи, а децата од предучилишното воспитување и згрижување во градинките“,
соопштија од Владата.
На состанокот дополнително се разговарало и за тоа веднаш да започне сеопфатен дијалог, со активно учество на Синдикатот, за трајно решавање на континуираниот раст на платите.
Премиерот Димитар Ковачевски, велат од Владата, на состанокот истакнал дека тие се отворени за дијалог за воспоставување систем за раст на платите, но тој дијалог нема да биде условуван и предизвикуван од штрајкови.
„Систем кој ќе се обезбеди модел за раст на платите во јавниот сектор, кој како со договорот за минималната плата, ќе се врзе за порастот на просечната плата и со порастот на трошоците за живот“,
велат од Владата.
Покрај Ковачевски, на состанокот од Владата присуствувале и првиот вицепремиер Артан Груби, вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, министерот за финансии Фатмир Бесими, министерот за образование и наука Јетон Шакири и министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска.