Ова го покажуваат извештаите на Светската банка во кои се анализираат економските и фискалните загуби во С Македонија и Србија кои произлегуваат од исклучувањето на ЛГБТ-лицата од пазарот на трудот. Намалувањето на стигмата и дискриминацијата на ЛГБТ-лицата, како што се посочува, може да има значително позитивно влијание врз економијата
Доколку се намалат бариерите за влез на пазарот на трудот на припадниците на ЛГБТ-заедницата, економијата во Северна Македонија би се зголемила за дополнителни 64 милиони американски долари, а годишниот бруто-домашниот производ (БДП) во просек би пораснал за 0,6 отсто.
Ова го покажуваат извештаите на Светската банка во кои се анализираат економските и фискалните загуби во С Македонија и Србија, а кои произлегуваат од исклучувањето на ЛГБТ-лицата од пазарот на трудот.
Во извештајот се додава дека политиките насочени кон зајакнување на социјалното вклучување на припадниците на ЛГБТ-заедницата би помогнале во изградба на поправедни и рамноправни општества кои ќе бидат од корист за економиите на С Македонија и Србија.
„Ова истражување покажува дека вклучувањето на ЛГБТИ не е само правилен избор, туку и паметна економија. За земјите да го постигнат својот целосен развоен потенцијал, вклучувањето е од суштинско значење. Пристапот до основните услуги и пазари и можноста да се живее достоинствен живот е темелна граѓа за успешен и одржлив развој“,
вели Шиаочин Ју, директорка на Светска банка за Западен Балкан.
Се додава дека С Македонија и Србија вовеле важни реформи кои ги штитат правата на ЛГБТ-заедницата, но дека сепак, припадниците на оваа група продолжуваат да се соочуваат со дискриминација и исклучување. Па така, се додава во извештајот на Светската банка, едно од седум ЛГБТ-лица во С Македонија сè уште се соочува со дискриминација на работното место при вработување, отпуштање и професионално напредување.
Во Србија, пак, припадниците на ЛГБТ-заедницата è уште се со поголема веројатност да бидат економски обесправени во однос на општата популација.
„Извештаите сугерираат дека намалување на стигмата и дискриминацијата на ЛГБТ-лицата може да има значително позитивно влијание врз економијата. За да се постигне тоа, потребно е спроведување на постојната правна заштита против дискриминација и понатамошно зајакнување на правната заштита на ЛГБТ-лицата во области како што се образованието, вработувањето и здравството“,
вели Клифтон Кортез, глобален советник за сексуална ориентација и родов идентитет на Светска банка.
Во извештаите се забележува дека поголемата вклученост на ЛГТБ-лицата бара акција за спроведување на клучните реформи договорени како дел од процесот на пристапување во ЕУ, а дополнително се посочува дека поефективна имплементација на постоечките закони би можела подобро да ги заштити правата на ЛГБТ-лицата на пазарот на трудот, така што би се привлекол најдобриот можен талент и би се задржал на инклузивен начин.