Вицепремиерот за економски прашања и потпретседател на СДСМ, Фатмир Битиќи, во гостување на емисијата „Стадион“ на Канал 77, прашан за коментар на изјавата на неговиот поранешен сопартиец и актуелен градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски, кој кажа дека Коридорот 8 му изгледа како исцртување на Илирида со спојувањето на Приштина, Скопје и Тирана, рече дека тој лично не може да разбере како еден социјалдемократ (н.з Димитриевски) да гледа така на Коридорот 8.
Битиќи вели дека на граѓаните треба да им се зборува за придобивките што тие ќе ги добијат со изградбата на овој коридор, а социјалдемократите би требало да бидат лица и политичари кои ќе се обидат да го обединат народот, а не да го делат.
„Нема причина да не сака, да не се бори преку развојот на инфраструктурата, да се создаваат подеднакви можности за граѓаните што живеат во Куманово и тие што живеат во Охрид“,
рече Битиќи.
Тој нагласи дека лично не гледа никаква причина против просперитет што им носи развој на регионите, за кои никој со децении не водел сметка и побара одговор од Димитриевски за тоа како ќе оправда оцртувањето на голема Илирида преку неговиот пропуст.
„Мене како социјалдемократ подеднакво ми значи да има подеднакви можности за развој, за пристап до работни места, за достоинствена плата, да има и за тие што живеат во Крива Паланка и тие што живеат во Тетово. Подеднаква шанса заслужиле и селанецот од кумановско Табановце, како и селанецот од Општина Мешевита, Општина Дебар“,
кажа Битиќи.