Утре во Скопје ќе престојува еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, а в четврток помошник-државната секретарка на САД за европски и евроазиски прашања Карен Донфрид, обајцата во рамки на турнеи во регионот
Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји во рамки на турнејата низ регионот, која ги опфаќа и Хрватска, Бугарија и Албанија, утре ќе престојува во Скопје.
Вархеји во Скопје ќе допатува од Софија каде што денеска ќе учествува на конференција за зајакнување на регионалната соработка и интеграцијата во ЕУ, насловена „ЕУ се среќава со Балканот. Лекцијата од Украина: Европското проширување – заштита од војна“.
Најавени се средби со претседателот Румен Радев, премиерот Кирил Петков и шефицата на дипломатијата Теодора Генчовска.
Во Софија денеска е и министерот за надворешни работи Бујар Османи, кој покрај учеството на конференцијата ќе има средби со неговата бугарска колешка Теодора Генчовска.
Еден ден по Вархеји, на 28 април, в четврток, во нашата земја ќе допатува и помошник-државната секретарка на САД за европски и евроазиски прашања Карен Донфрид во рамки на турнејата низ државите од Западен Балкан.
Како што соопшти Стејт департментот, Донфрид во Скопје ќе има средби со функционерите на Северна Македонија, при што ќе изрази силна поддршка за преговорите на земјата за влез во ЕУ и ќе се заблагодари за помошта за Украина.
Таа ќе ја повика Северна Македонија, како најнова членка на НАТО, да ја продолжат блиската соработка за низа регионални, безбедносни и одбранбени прашања за промовирање на демократијата и регионалната стабилност.
Дел од турнејата на Донфрид на Западен Балкан се и Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија и Косово од каде на 25 април ќе ја започне посетата на регионот.