Говорејќи пред новинарите денеска, и портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече дека инцидентот „предизвикува екстремна загриженост, не само за нас, туку и за нашите белоруски партнери“
Александар Волфович, секретар на советот за безбедност на Белорусија, денеска ја обвини Украина дека се обидува да „испровоцира регионален конфликт“, тврдејќи дека е „малку веројатно“ оти украинската ракета за воздушна одбрана, соборена вчера од белоруската противвоздушна одбрана, случајно навлегла во белорускиот воздушен простор, пренесува Гардијан.
„Постојат малку причини да се верува дека случајно влегол во нашиот воздушен простор. По се изгледа, се чини дека овде се реализираше некој план“,
вели Волфович во интервју за Спутник.
Министерството за одбрана на Минск вчера соопшти дека нивните сили за воздушна одбрана собориле украинска ракета земја-воздух С-300 во близина на селото Харбача во регионот на Брест, на околу 15 километри од границата меѓу Белорусија и Украина.
Инцидентот се случи кога Русија истрела десетици проектили врз градови низ Украина во еден од најголемите ракетни удари од почетокот на војната.
Говорејќи пред новинарите денеска, и портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече дека инцидентот „предизвикува екстремна загриженост, не само за нас, туку и за нашите белоруски партнери“.
Песков ги истакна блиските воени врски меѓу Русија и Белорусија, велејќи дека тие се во „постојан дијалог и постојана координација“.
Сценаријата кои вчера се разгледуваа по соборувањето на проектилот беа две: според првото проектилот долетал на територијата на Белорусија слично како неодамнешниот инцидент во Полска кога проектилот не полетал во посакуваната насока. Друго сценарио е дека проектилот бил намерно насочен кон белоруска територија и бил соборен од белоруската противвоздушна одбрана.
Во ноември, проектил, истрелан од украинската противвоздушна одбрана, падна во Полска поради жестоките руски напади врз Украина. Противвоздушните ракети со долг дострел С-300 датираат од советската ера, а ги користат и украинската и руската армија.