Генералниот секретар на опозициската партија, Арбен Таравари, изрази сомнеж дека утре ќе се одржи состанокот и посочи дека за тоа вечерва ќе одлучуваат партиските тела. Премиерот ја најави средбата по вчерашниот договор со Мицкоски, при што посочи дека таа е на барање на двете опозициски партии од албанскиот блок
Можно е Алијансата за Албанците утре да не присуствува на средбата Зоран Заев, на која, како што е најавено, треба да се разговара за одложување на пописот и на локалните избори, како и за Законот за државјанства.
Како што пренесува МИА, најавата дека средбата може да не успее е од Арбен Таравари, генералниот секретар на Алијанса за Албанците и градоначалник на Гостивар. Во одговорот на новинарско прашање за присуство на средбата, Таравари изразил сомнеж дека таа средба ќе се одржи.
„Не знаеме дали треба да седиме со нив на маса. Но има партиски тела што денес ќе одлучуваат. Имаме сериозни дилеми дали вреди да седнеме со личност која ја менува изјавата пет пати на ден. Човекот не е сериозен и тешко е да се најде заедничко решение со него. Тоа што го ветува денес, утре не го исполнува“,
вели Таравари во изјава што ја пренесува МИА.
Тој го критикува и односот на лидерот на ДУИ.
„Ова пролонгирање и запирање има политичка заднина. Тоа е скандалозно. Луѓето почнаа да се попишуваат и имаше голем ентузијазам, посветеност од целото население што живее во Македонија и во странство. Исто така, имаше посветеност од премиерите на Косово и на Албанија. И кога пописот требаше да почне, тој е прекинат поради фактот што на двете македонски политички партии не им се допаѓа тоа што се регистрирани многу Албанци во дијаспората. Ова само Али Ахмети може да го дозволи. Нашата коалиција нема да го прифатат и ќе преземеме мерки тоа да се спречи“,
изјави Таравари.
Лидерите на Алијанса и на Алтернатива, Зијадин Села и Африм Гаши, на денешната прес-конференција, најавија дека ќе го искористат Бадентеровиот принцип да го блокираат одложувањето на пописот.
.
Измените во Законот за попис, со кои оваа статистичка операција ќе се одложи за во септември, се подготвуваат и денеска се очекува да бидат усвоени на владина седницата.
Министерот за правда Бојан Маричиќ вели дека станува збор за две мали измени за кои не треба премногу време – датумот на пописот и рокот за попишување на дијаспората. Заради итноста, тој ќе предложи Владата да го усвои и ќе го испрати во Собранието со европско знаменце и скратена постапка, како што беше и првично предложен.
Договорот за одложување на пописот беше постигнат на вчерашната тет-а-тет средба на премиерот Зоран Заев со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, по што беше најавена средба и со партиите од албанскиот политички блок.
Средбата треба да почне во 10 часот, а Заев изјави вчера дека е закажана на барања на Алијанса и на Алтернатива, а на неа ќе присуствуваат и министрите за внатрешни работи и за правда. Поканети се и координаторите на СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и БЕСА.
„Нека дојде и ‘Левица’ ако мислат дека треба да бидат присутни. Ќе му кажам на координаторот. Јас ќе бидам присутен со министрите за внатрешни работи и за правда за да изнајдеме решение се со цел власта да покаже доблест и разбирање за сите барања на опозицијата кои се разумни и рационални“,
изјави вчера Заев по средбата во Клубот на пратеници.
Претходно, Алијанса и Алтернатива, кои дадоа поддршка за донесување на Законот за попис, решија да не присуствуваат на координативна средба на секретарите на партиите од албанскиот блок, која ја свикал Артан Груби, како секретар на ДУИ.