Обвинителката Валентина Стојановска од Вишото јавно обвинителство, на јавна седница во Апелацискиот суд за случајот „27 април“, се согласи со единствената ослободителна пресуда во случајот за Игор Дурловски, за разлика од жалбата која беше поднесена од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, со кое раководи Вилма Русковска.
Вишата обвинителка побара да се одбијат и жалбите на одбраната за 16-те лица кои беа судени на вкупно 211 години затвор.
Стојановска порача дека жалбите на одбраната треба да се отфрлат како неосновани бидејќи не е направена никаква повредена во постапката пред Кривичниот суд, туку смета дека судечкиот совет кој ја донел пресудата направил детална анализа на доказите, ги ценел и поединечните како поврзани. Рече дека не е точно оти обвинетите спонтано се собрале и влегле во Собранието, туку дека сето тоа било организирано и имале меѓусебна комуникација.
Обвинителката реплицираше на наводите на адвокатите дека во случајот не станува збор за загрозување на уставниот поредок и безбедноста, па се повика на Уставот наведувајќи дека таму е пропишано дека темелните вредности на уставниот поредок произлегуваат и од поделбата на власта, меѓу кои е и законодавната власт, односно Собранието, како и на тоа дека суверенитетот на државата произлегува од граѓаните, а тие својата власт ја изразуваат преку свои избрани претставници, во случајов пратениците. Читајќи, таа детално за секој обвинет ги наведуваше дејствијата и ги оспоруваше нивните жалби.
Пред нејзиното излагање, своите жалби од утрово на јавна седница пред Апелација ги образложуваа неколку од адвокатите на обвинетите кои тоа не го направија изминатите два дена. Еден од нив беше и адвокатот на Јане Ченто и на Абдулфета Алими, Дончо Наков, кој како и неговите колеги бара пресудата да падне и случајот да се врати на повторно судење. Тој зборуваше дека Ченто не направил никакво насилство ниту, пак, за тоа има докази.
„Двајца да убиеше на плоштад, ќе добиеше помала казна“,
рече Наков за Ченто кој со првостепената пресуда е осуден на 15 години затвор.
Алими, пак, рече адвокатот како дел од собраниското обезбедување нема никаква вина, не го дал клучот од собраниската врата, а учествувал и во одбрана на пратениците кои беа нападнати, меѓу што и во спасувањето на Зијадин Села.
И Наков и сите адвокати од одбраната сметаат дека се направени суштествени повреди во постапката, не им се прифатени сите докази, немало рамноправност на странките пред Кривичниот суд, како и дека за упадот и за насилствата во Собранието на 27 април 2017 не може да стане збор за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста.
Јавната седница е во тек, а во моментов свои излагања имаат обвинетите.
Досега тоа го направија Митко Пешов и Душко Лазаров од МВР. Пешов рече дека немал никаква команда ниту, пак, некој од сведоците го инкриминирал него, а и Лазаров побара да се укине пресудата за него, но да му суди друг совет, а не советот на судијката Добрила Кацарска.
Шефот на обезбедувањето на Трајко Вељаноски, Горан Ѓошевски-Леви, рече дека му е чудно како во обвинението за него е наведен Вељаноски, а во обвинението за Вељаноски во случајот за организаторите, пак, тој не е ниту споменат ниту повикан за сведок.
*Поврзана вест
Трет ден ќе се разгледуваат жалбите за „27 април“ пред Апелација