Слабостите во изготвените вештачења на кои јавниот обвинител од ОЈО ГОКК ја темелел својата одлука за да ја запре истрагата, се истакнати како причина за одлуката на Вишото јавно обвинителство
Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) соопшти дека ја запира постапката на 12 мај 2026 година. Приговор против таквата одлука поднесе АД „Електрани на Северна Македонија“
Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција да ја продолжи истрагата за „Мазут“ – предметот за набавките на енергенсот за потребите на Термоенергетската централа (ТЕЦ) „Неготино“ за време на енергетската криза во периодот од 2021 до 2023 година. Така одлучи Вишото јавно обвинителство Скопје, откако ОЈО ГОКК ја запре постапката во мај годинава тврдејќи дека нема докази за сторено кривично дело, а на таа одлука приговор поднесе АД ЕСМ во улога на оштетен.

Зошто пресврт?
Информацијата за одлуката на Вишото јавно обвинителство Скопје преку писмено соопштение ја споделија од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија. Во првиот дел само се опишуваат главните белези на одлуката.
„Надлежен јавен обвинител од Вишото јавно обвинителство Скопје донесе решение со кое го уважи приговорот на АД ‘Електрани на Северна Македонија’ против наредбата за запирање на истрага за кривични дела – злоупотреба на постапка за јавен повик, доделување договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство, како и перење пари, против вкупно 13 физички и едно правно лице, а поврзано со набавките на мазут за ТЕЦ ‘Неготино’“,
се наведува во соопштението од републичкото Јавно обвинителство.
Со одлука, како што се додава, Вишото јавно обвинителство Скопје го задолжува ОЈО ГОКК да ја продолжи постапката, а на надлежниот обвинител во прв степен му се дадени и дополнителни насоки за постапување.
Во, условно кажано, кусото соопштение на Јавното обвинителство, потоа се наведува барем еден конкретен основ кој бил причина за одлуката.
„Констатирајќи, пред сè, слабости во изготвените вештачења на кои јавниот обвинител од ОЈО ГОКК ја темелел својата одлука да ја запре истрагата, Вишото јавно обвинителство Скопје побара да продолжи постапката во насока на утврдување на сите поединечни дејствија на осомничените, особено дали и кој презел директни дејствија или дејствија на помагање со кои правното лице ЕСМ, преку злоупотреба на наменски доделени средства од државниот буџет, а под превез на користење на повластена законска основа од член 23 од Законот за јавни набавки, овозможиле имотна корист од големи размери за еден од осомничените и неговото правно лице“,
пишува во соопштението.
Кој, како, што…
Во случајот, кој во јавноста е познат како „Мазут“, се осомничени 13 лица, меѓу кои бизнисмените Ратко Капушевски, Асмир Јахоски и Ерџан Сулкоски, ексдиректорот на ЕСМ, Васко Ковачевски, и други. Тие се товарт за злоупотреба на службената положба и перење пари. Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) водеше истрага за предметот повеќе од една година.
Кога ОЈО ГОКК одлучи да ја прекине истрагата, во мај 2026 година, обвинителката што го водеше случајот, Катерина Коларевиќ, истиот ден на брифинг со новинарите, а потоа и во интервју за „360 степени“, кажа дека доказите прибрани во истрагата не оделе во прилог на поднесување обвинение кое би опстојало на суд.
„Воедно, во истата постапка осомничени не беа само Ратко Капушевски, Ерџан Суковски и Асмир Јахоски, туку и вработени во ЕСМ, кои во текот на истрагата доставија докази издадени од Секторот за производство на АД ЕСМ според кои целосната постапка што се водела по јавните повици била во ред. Таквиот заклучок обвинителството го изведе токму од тие докази.
Осомничените – вработени од АД ЕСМ доставија документација во форма на сублимирано појаснување добиено од Секторот за производство на АД ЕСМ, во која се образложува законитоста на постапките, а воедно примероци од записниците од исказите на претставниците им беа врачени веднаш по сослушувањето, кое се изврши на ден 4.3.2026 година“,
рече обвинителката во интервјуто за „360 степени“.
„360 степени“ дојде и до записниците од исказите кои пред обвинителството ги дале двајца сведоци од компанијата АД ЕСМ, односно лица кои ги одредило сегашното раководство на компанијата по покана од обвинителството. На прашањата дали е нанесена штета на АД ЕСМ со постапките за набавка на мазутот – и двајцата одговориле „не“.
Против ваквата одлука на ОЈО ГОКК приговор поднесе АД „ЕСМ“, како оштетена страна. Меѓу другото, тие тврдеа дека не е точно оти двајцата сведоци недвосмислено изјавиле дека нема финансиска штета за компанијата. Потоа и дека ги пратиле двете лица, помошник-директор за производство на електрична енергија и советник за комерцијални работи, по насоки на обвинителството.
„АД ЕСМ смета дека Обвинителството направило суштинска грешка и погрешно ги утврдило фактите токму во делот каде што техничките искази на повиканите лица свесно ги номинирало како релевантни изјави за отсуство на финансиска штета. Неправилноста се состои во тоа што Обвинителството го засновало својот заклучок врз коментари на лица кои немаат правни и менаџерски ингеренции да го застапуваат Друштвото во делот на утврдување штета.“
одговорија од ЕСМ на прашањето на „360 степени“.
Политика
Затворањето на истрагата предизвика бранувања и во политичките кругови во земјава. Најгласни беа од владејчката ВМРО-ДПМНЕ, од каде што упатија остри критики до ОЈО ГОКК и до обвинителката Коларевиќ.

Реагираше и претседателот на партијата и премиер Христијан Мицкоски, кој коментирајќи ја одлуката на ОЈО ГОКК во изјава за медиумите јавно сподели дека телефонски му се јавил на државниот јавен обвинител Ненад Савески.
Републичкиот јавен обвинител, тогаш во изјави за медиумите рече дека не бил консултиран за запирањето на истрагата, а за разговорот со премиерот тврдеше дека во него не станало збор за детали околу предметот.
На брифинг со новинарите рече дека Савески принципиелно стои зад одлуката на обвинителката од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), која ја запре истражната постапка за „Мазут“, но напомена дека одлуката запирање не е конечна бидејќи, ЕСМ поднел приговор во однос на неа.
Од Јавното обвнителство не сакаа да кажат екслплицитно кај кој обвинител се паднал приговорот на Електрани, но дел од медиумите за кратко време објавија дека станува збор за вишиот јавен обвинител Јован Цветановски, кој претходно беше под суспензија во врска со друг предмет.
