Ние веќе живееме со четири различни човечки коронавируси за кои навистина не размислуваме премногу и на крајот Sars-CoV-2 ќе стане еден од нив, вели Сара Гилберт
Ковид-19 веројатно нема да мутира во многу посмртоносни варијанти, бидејќи едноставно „нема каде да оди“, вели истакнатата научничка, која била вклучена во создавањето на оксфордската вакцина, што ја произведува „Астра Зенека“, ги пренесува хрватски „Јутарњи лист“ пишувањата на британски „Телеграф“.
Сара Гилберт вели дека вирусот станува помалку вирулентен со текот на времето бидејќи се шири кај популација што е веќе отпорна.
Иако очекува уште една генетска промена, таа смета дека Sars-CoV-2 на крајот ќе стане како другите сезонски коронавируси кои предизвикуваат настинки и респираторни инфекции.
Говорејќи во средата на вебинарот на Кралското медицинско друштво за варијантитe на вируси, Гилберт рече:
„Вирусот не може целосно да мутира, бидејќи неговиот шилест протеин мора да комуницира со рецепторот ACE2 на површината на човечката клетка за да влезе во таа клетка. Ако тој толку многу го промени протеинот, така што нема да може да комуницира со тој рецептор, тогаш нема да може да влезе во ќелијата. Значи, нема многу места каде што вирусот може да оди за да го избегне имунитетот, а и натаму да биде навистина заразен вирус. Обично гледаме дека вирусите стануваат помалку вирулентни кога циркулираат полесно и нема причина да мислиме дека ќе имаме повирулентна верзија на Sars-CoV-2“.
Гледаме, вели таа, бавно генетско поместување на вирусот, а населението постепено ќе развива имунитет, како и кај сите други сезонски коронавируси.
„Ги има четири и тие кружат со децении, а ние не сме ни свесни за нив. Значи, ние веќе живееме со четири различни човечки коронавируси за кои навистина не размислуваме премногу и на крајот Sars-CoV-2 ќе стане еден од нив. Прашањето е колку време ќе биде потребно за да се постигне ова и какви мерки ќе треба да преземеме во меѓувреме за да можеме да го сториме тоа. Досега сите претходни варијанти на вирусот, кои се чинеше дека се повеќе вирулентни и го избегнуваат имунитетот, беа надминати со варијантата делта, која е повеќе заразна“,
рече Гилберт.