Има само 18 години, а едно чудо успеси зад себе. Младиот виртуоз на виолина Александар Иванов го нарекуваат македонскиот Паганини.
„Моите баба и дедо ме однесоа на првиот детски концерт на македонската филхармонија и, се сеќавам, кога ги гледав виолините, и бев импресиониран од звукот и си реков – јас ова мора да го правам, јас ова многу сакам да го правам, бидејќи се гледаше дека ме исполнува и така започнав да свирам виолина.“
Првиот контакт со инструментот се случил кога Александар имал 7 години.
„Првата виолина ми беше позајмена, не беше купена, не беше моја и започнав со дедо ми, бидејќи тој е композитор и бил професор на Факултетот на музичка уметност, но и тој како мене почнал да свири виолина и тој има познавање. Јас започнав со него, многу му беше ќејф да ми помогне и така.“, раскажува тој.
Најдраго за Александар е првото место на меѓународен натпревар во Будимпешта, каде ја добива и специјалната оркестарска награда. Од низата признанија на „домашен терен“, тој е најмладиот добитник на наградата „Виртуози“. Средно завршува во „Илија Николовски–Луј“ во Скопје, но паралелно година ипол бил на усовршување во Виена. Работел со еминентни светски уметници: Светлин Русев, Вадим Репин, Леонид Кербел.
Но, надградбата на Александар станала финансиски исцрпувачка за семејството.
„Да не биле тие патувања, немаше да стигнам до тука, а за сите тие патувања, мастер класи, натпревања, само аудицијата во Џулијард тоа чини пари нели и е неопходно.“
На аудицијата во „Џулијард“ – светски најпрестижната музичка школа, со 8-минутен настап ги освоил симпатиите на жирито. Ја добива највисоката стипендија од 75 отсто покриена школарина. За останатите 35.000 долари годишно, неопходни за студирање на Александар во Њујорк, покрената е акција на онлајн платформата go-found me, каде досега се собрани неколку илјади долари. Каде е државата во целата приказна?
Конкурсот на Министерството за образование за стипендирање на додипломски студии во странство, не е до крај јасен. Од една страна, пишува дека се стипендираат „сите студенти примени на еден од првите десет рангирани универзитети во сите области“, а потоа се додава „односно на еден од првите сто рангирани од областа на техничките науки, архитектурата, градежништвото, биологијата, хемијата…“, на Шангајската листа на универзитети. Уметноста како област е опфатена во конкурсот, но не и насоката музика. По реакциите во јавноста дека се прави неправда кон Александар Иванов, министерот за образование Арбр Адеми најавува дека на утрешната седница владата ќе ја измени Програмата за стипендирање, со што ќе се овозможи поддршка и за оние што ќе се запишат на врвните музички образовни уставнови. Со тоа и Александар ќе може да аплицира за да го оствари својот сон.
„Уметност било, но не е прецизирано, но бидејќи се работи за виолинист не било прецизирано баш за тоа област кај што е примен дечкото. Затоа ние ќе предлагаме и оваа област да се покрие па да се поддржат сите талентирани млади луѓе кои ги имаме. Денеска се работи за виолинист, утре може ќе се појави за филмска продукција во некое престижно училиште..
-И вие постојано ќе ги менувате на седници програмите?
Не, ние ги одредуваме областите и уметноста е предвидена, но не и музичката област, и тоа е пропуст и низ години така е, бидејќи секоја година се усвојуваат програмите, ова се годишни програми..
-Ама не може да велите пропуст, тоа е животна шанса за некого, за кариерата.
Да, разбирам и затоа ќе им излеземе во пресре,т предвидувајќи ја и таа област точно, јасно, прецизно, за да им се даде поддршка, но ние не знаеме од сега па натаму во кој смер, во која област нешто што не е предвидено сега, може да се појави некој талентиран, млад човек.“, вели министерот за образование Арбер Адеми за 360 степени.
Студирањето на Александар на „Џулијард“ е посакуван развој и за неговиот професор Горан Муратовски, виолинист во Македонската филхармонија, и самиот магистер од Германија.
„ Дете со многу големи музички капацитети, со огромна меморија, апсорпција на голем музички материјал, значи за многу краток период Александар помина дела од виолинската литература кои се капитални, од виолинските концерт, Сибелиус, Чајковски, ги завршуваше задачите со една голема леснотија.“, вели Муратовски.
Министерот за образование уверува дека државна помош нема да изостане за ниту еден надежен студент.
„Им порачувам на сите млади да бараат квалитет, да се запишат во најпрестижните високо образовни установи, бидејќи навистина имаме потреба од нив.“, порачува Адеми.
Никој да не се откажува од соништата, е пораката што ја испраќаат и Александар и неговиот професор Муратовски.
„Се надевам дека би завршил на „Џулиард“ и би имал некои побитни награди кои ќе ми овозможат да имам некаков почеток на кариера. Секој треба да проба, никој не треба да се откаже затоа што никогаш не знаеш што ќе се случи.“, вели младиот виолинист Иванов.
„Следете го примерот на Александар, верувајте во себе и имајте храброст, не се обесхрабрувајте, за секого има место во нашиот музички свет.“, апелира професорот Муратовски.