Во исказот даден на 4 декември 2023 година тој навел дека останува на кажаното во полиција и во него не негира вмешаност, туку напротив, наведува како биле извршени грабнувањата на Панче и Вања, а како извршител го посочил првообвинетиот Љупчо Палевски. Записникот од исказот од 21 декември 2023 година, пак, повеќе соодветствува со она што тој го кажа во понеделникот и денеска во судницата, односно дека бил тепан од полицијата за да го признае делото
Видевски на денешното рочиште беше прашан дали некогаш Палевски му се заканувал, на што тој одговори – „Никогаш“
Боре Видевски, третообвинетиот за грабнувањата и убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, и на денешното рочиште негираше дека е поврзан со двете злосторства. Тој ги негираше и исказите што ги дал во истрагата, а кои се читаа во судница на барање на обвинителките Жаклина Крстевска-Јосифовска и Ана Стојковиќ-Димитровска.

Тие на минатото рочиште во понеделникот посочија дека дадениот исказ на Видевски, кој одговараше на прашања на неговиот адвокат, се разликува од она што претходно го кажал за време на истражната постапка.
Во таа насока денеска во судот беа прочитани два искази на Видевски, дадени во Обвинителството на 4 и 21 декември 2023 година.
Првиот исказ во истрага
Во записникот од 4 декември Видевски навел дека останува на сè што кажал во полиција. Во него не негира вмешаност, туку наведува како било извршено грабнувањето на Жежовски, а како директен извршител на убиството на велешанецот го посочува првообвинетиот во предметот, Љупчо Палевски-Палчо.
Навел дека целата работа била договорена без негово знаење и оти Велибор Манев спомнал дека ќе се бараат пари.
„Јас бев во криза и се согласив“,
рекол Видевски.
Во првиот исказ кажал и дека во местото Рудник, каде што го однеле Жежовски кај ископаната дупка, додека се движеле со Влатко Кешишов слушнал истрел.
„Се свртев и го видов Палчо со пиштол во рацете“,
рекол третообвинетиот.
Кажал и дека во Скопје го прашал Палевски зошто го сторил тоа, а тој му рекол дека така е почисто.
Во неделата (на 26 ноември 2023 година), рекол дека му се јавил Велибор дека треба да одат во Скопје оти требало да се грабне девојка. Таму, како што кажал, Палевски му рекол дека бил известен од таткото на девојчето дека следниот ден ќе оди сама на училиште и дека треба да се грабне и да се однесе.
„Планот беше да бараме откуп и да ги поделиме парите. Палчо ни кажа во која зграда да одиме. Ни рече да го земеме девојчето, знаеше во кое време точно ќе излезе. Ја отворивме вратата со шрафцигер. По половина час девојчето излезе, Велибор ѝ ја врза устата и ѝ рече да не вика оти ќе ја убие. Велибор ја стави девојката во ѓепекот, ѝ го зедовме телефонот. Палчо ни рече да го уништиме за да се прекине секаков сигнал од него. Го скршивме веднаш од патосницата. Стигнавме во Бразда, го отворивме гепекот, девојчето беше во вреќа. Палчо почна да ја прашува како се вика, кои ѝ се родители, каков имот има. Девојчето одговори дека татко им не ги сака, ама мајка ѝ сѐ ќе даде за неа. Имаат станови, имоти. Ја извадија од вреќата, слушнав истрел. Се доближив, девојчето лежеше во дупката, а Велибор ја закопуваше. Го прашав Палчо зошто го стори тоа. Ги крена рамениците и не рече ништо.
навел Видевски во исказот од 4 декември.
Кога стигнале во просториите на партијата, тој навел дека повторно го прашал Палевски зошто го убил девојчето, оти не било така договорено.
„Да помине време, па ќе бараме откуп од семејството “, му рекол Палевски.
Видевски навел и оти претпоставува дека и Вања и Панче биле убиени со ист пиштол.
Вториот исказ во истрага
Записникот од исказот од 21 декември 2023 година, пак, повеќе соодветствува со она што тој го кажа во понеделникот во судницата. Навел дека дента кога бил уапсен се враќал од пазар. Потоа бил однесен во полициска станица во Велес, а потоа во полициската станица „Пролет“ во Скопје, каде што бил тепан секаде по телото, освен по главата.
„Рекоа дека ако не кажам сѐ што бараат, ќе ми натоварат сѐ. На 22.11 (кога е убиен Жежовски) бев на работа. После се прибрав дома, после требаше да одиме на именден кај братот на мојата сопруга. Но, ѝ се слоши на мојата ќерка, отидов во Здравствен дом Велес, сопругата се погрижи за неа оти е медицинска сестра. Вечерта отидовме на гости“,
рекол тој.

На 26 декември, еден ден пред убиството на Вања, според исказот од 21 декември, Видевски рекол дека вечерта околу 22:30 часот отишле во просториите на партијата Десна, каде имале состанок во врска со организацијата на конгрес.
Рекол дека утредента станал во 10 часот и дека таму биле Палевски, Манев и Кешишев. Тој понеделник, рекол дека не бил на работа, оти имал земено два дена одмор, но не поднел барање на работа, оти не му правеле проблем за тоа.
На прашањето зошто токму него полицијата го привела и е осомничен, Видевски рекол дека не знае. Тој негирал дека бил на улицата Наум Наумовски Борче во Скопје и дека на 27.11.2023 година се возел во „ситроен“ или во „рено кангу“.
Видевски во вториот исказ негира и дека Палевски имал оружје, како и дека бил во населбите Радишани и Маџари. Во Бразда рекол дека бил еднаш, во црквата во селото каде се одржал првиот конгрес на Десна.
Тој ова го кажа и во исказот пред судот во понеделникот, одговарајќи на директни прашања на неговиот бранител, адвокатот, Бојан Манев.
По читањето на исказите од истрагата, Видевски одговараше на прашања на Палевски. Ги негираше сите наводи изнесени пред обвинителството денеска изјави дека ги негира сите наводи изнесени пред обвинителството.
На прашањето дали некој полицаец или обвинител го прашал за поседување оружје, тој првин рече оти мисли дека немало такво нешто, за потоа да рече дека е сигурен дека не го прашале.
Во врска со фотографијата од Панче Жежовски, која според обвинителството му била испратена од Велибор Манев, Видевски изјави:
„Кој било може да ми прати слика по грешка што нема врска со мене, така што игнорира многу работи така.“
Видевски, исто така, нагласи дека сликата никогаш не му била покажана, ниту спомната од страна на обвинителството.
Не се сеќава каде го однел пиштолот
Во продолжение од расправата, судијата Ивица Стефановски го прашуваше во врска со снимките од домот на Велибор Манев на кои се гледаат радиостаници, за кои Видевски изјави дека првпат ги гледа.
„Првпат ги видов и мислам дека беа донесени за проба, да видиме дали работат“,
рече тој.
На прашање во врска со снимките каде се гледа дека на одреден датум доаѓа кај Велибор Манев со својот автомобил „шкода“, како и причините за таа средба, Видевски одговори дека не ја знае причината.
Во однос на оружјето, Видевски одговори дека не е љубител на оружје и дека го купил од помодарство и не знае кога го дислоцирал од својот дом.
„Не се сеќавам каде го имам дислоцирано. Не сум љубител на оружје, купено е од помодарство пред 20-30 години бидејќи имаше шанса да се набави дозвола. Не можам да ви наведам посебна причина зошто сум го изнел од дома“,
рече тој.
Видевски беше прашан дали некогаш имал закани од Палевски, на што одговори негативно.
„Никогаш“,
рече тој.
Претходно за овој случај беше сослушан обвинетиот Велибор Манев кој детално ги образложи грабнувањата и убиствата на Вања и Панче за кои посочи дека координатор и оној што ги извршил ликвидациите е Љупчо Палевски.

По сослушувањето на Манев и Видевски, според најавеното, ќе бидат сослушани и обвинетите Влатко Кешишев, Александар Ѓорчевски и на крај Љупчо Палевски.
Според обвинението, Палевски, Видевски, Манев, Кешишев и Ѓорчевски, се обвинети дека заедно испланирале грабнување на 14-годишната Вања со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп. Грабнувањето на оштетениот Панче Жежовски во Велес, пак, според обвинението, било со намера да го присилат да им го даде сопственото возило „ситроен“ за да го користат за грабнување на детето во Скопје.
Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес на 3 декември 2023 година.
Следното рочиште е закажано на 2 април, кога на пултот за сведоци треба да застане обвинетиот Влатко Кешишев.