Немаме друга опција во овој период освен да издржиме! Ве молам, не паѓајте со духот, сите заедно, ќе издржиме!, порачува Пендаровски
„Додека целиот свет е во потрага по вакцина и лек, самоизолацијата е најдобрата превентива против вирусот. Знам дека ви е тешко, но, мораме да ги сочуваме нашите животи, и да им помогнеме на немоќните и повозрасните“, се вели во видеопораката што денеска до граѓаните ја испрати претседателот на државата Стево Пендаровски.
Тој истакнува дека во изминативе 20 години земјава се соочила со многу предизвици, но дека сега за првпат е воведена и полициски час на целата територија во обид да се спречи ширењето на смртоносната болест.
Тој им оддава признание на докторите и сестрите, војниците, полицајците и волонтерите кои секојдневно се на работа, како и на вработените во трговијата, транспортот, услужните дејности кои даваат огромен придонес во одржувањето на стабилноста на системот со тоа што и покрај критичната состојба остануваат на своите работни места. Ги повикува граѓаните својот придонес да го дадат со тоа што ќе останат дома.
„Немаме друга опција во овој период освен да издржиме! Ве молам, не паѓајте со духот, сите заедно, ќе издржиме!“, порачува Пендаровски во видеопораката до граѓаните.