Советот на јавни обвинители денеска ја одржа својата прва седница по острите критики на американската амбасадорка Анџела Агелер за изборот на Ислам Абази за шеф на јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција
Првиот човек на Советот, обвинителот Антонио Јолевски, не сакаше ниту да се согласи ниту да не се согласи со ставовите на амбасадорката на најголемиот партнер на земјава во реформите во правосудството, која меѓудругото кажа дека „граѓаните заслужуваат независен правосуден сектор“ и дека „политичкото мешање нема место во овие постапки“
Меѓу многуте табли на поранешната зграда на Комерцијална банка е и онаа на Советот на јавни обвинители. На петтиот кат во објектот, чиј лифт патем не работи подолго време, е салата во која се одржуваат седниците.
Денешната седницата во таа сала требаше да биде една од поинтересните. Прво, затоа што на дневен ред имаше повеќе важни одлуки. Второ, затоа што оваа седница беше прва по невообичаено критичната оценка на амбасадорката на САД за изборот на Ислам Абази за шеф на обвинителството за гонење организиран криминал.

Можеби најважната одлука денеска требаше да биде онаа за избор на шеф на Вишото јавно обвинителство Скопје. За местото беа пријавени обвинителката Фатиме Фетаи, постојниот шеф Мустафа Хајрулахи и обвинителот Бурим Рустеми. Но, минатата недела Советот на јавни обвинители иако требаше, не избра шеф бидејќи дел од членовите не ги прочитале биографиите на кандидатите. Веднаш по одлуката за одложување на изборот обвинителката Фатиме Фетаи се повлече, без образложение.
Но, Советот и денеска не избра шефови туку само вршителите на должност за вишите јавни обвинителства во Скопје и Гостивар, како и за основните во Гостивар, Битола, Велес, Кавадарци и Куманово. Причината – државниот обвинител Љубомир Јовески бил задржан во болница, па немаше кворум.

- Дали исконтактиравте со Фетаи. Нејзиното повлекување ги изненади сите?
„Исконтактирав јас во петокот. Се јави вечерта, после пладне и рече дека се наоѓа во странство и дека користи годишен одмор. Во петокот и денес. Утре е Денот на албанската азбука и таа ќе дошла во среда во државата, барем така ја разбрав. Не ми наведе причини (зошто се повлекува)… Ја прашав, рече – тоа е моја одлука и не можам сега да навлегувам во тоа, бидејќи, сепак, е надвор од моето постапување и надлежност. Не можам да ги прашувам луѓето зошто, како. Таа, ако имала некакви притисоци, знам дека ќе ме прашувате за тоа, би требало неа да ја прашате и кои се причините за повлекувањето. Сепак, ќе биде од среда достапна“,
изјави Антонио Јолевски, претседател на Советот на јавни обвинители.
- Дали, сепак, ќе се посветите на оваа тема подлабоко како Совет, бидејќи сте регулаторно тело? Секогаш може да има позадински причини поради кои се случува тоа, нефер игри пред изборите. Дали треба да се расчисти до крај?
„Јас, со обвинителката, ако веќе зборуваме, очекувам дека ако сака да ми каже или ако се вршат притисоци и затоа реков, ние како Совет сме тука да ве заштитиме од некои притисоци, меѓутоа, рече ова е моја лична одука. А дали и како ќе биде понатаму, не можам да кажам. Доколку имаме било какви забелешки од нејзина страна, односно да има некакви проблеми, се надевам ќе ни каже за да можеме ова да го објавиме и како Совет да ја заштитиме“,

Втората важна одлука беше распишување конкурс за избор на јавни обвинители во обвинителството за гонење организиран криминал и корупција. Но, ни таа одлука поради немањето кворум не помина. За потсетување, една недела пред изборот на Ислам Абази немаше Бадентер за избор на нови обвинители за гонење на организиран криминал. А Бадентер, во моментов, прават членовите Коле Штерјев, Иџет Мемети и Арбер Исаку.
Сега, за повторениот оглас, токму членот Коле Штерјев рече дека во тоа обвинителство има „малку непријатна состојба“ бидејќи откако пропадна минатиот оглас, две од обвинителките што не беа избрани, Маја Конеска и Милица Гаврилова, се упатени на работа таму од државниот јавен обвинител.
За неговиот предлог, прво да се „види состојбата“, па потоа да се одлучи што да се прави, позитивно се изјасни и членот Иџет Мемети.

„Не е проблем дека се упатени две обвинителки, можеби е замерка зошто Советот не е информиран за тоа. Втора работа е што ние сега не можеме да имаме точна информација зошто се упатени. Дали е проблемот недостатокот на кадар во ОЈО ГОКК или е нешто друго. Ние денеска не сме во состојба тоа да го расчистиме. Друга работа е што ние имавме веќе оглас за четири места, не избравме ниту еден обвинител од причина што таму има десет обвинители и јас мислам дека се доволно на број. Оваа точка (распишување оглас) може да се одложи и да се разговара за ова во присуство на обвинителот (Љубомир Јовески) и на шефот на ОЈО ГОКК (Ислам Абази) за да добиеме повеќе информации за тоа што ќе го предложиме и ќе го гласаме.“

- Дали е став на Советот дека во ОЈО ГОКК има доволен број обвинители бидејќи сега на седницата членот Иџет Мемети рече дека има доволен број обвинители – 10?
„Став на Советот беше, според резултатите, онака како што ги видовме во нивните извештаи, дека со 10 обвинители би можеле да функционираат како треба, меѓутоа прашањето да се преиспита бидејќи сега има нов шеф, така и барем го спомна, да ја види состојбата и да види колку обвинители би требало да се пополнат во тоа обвинителство. Дали ќе бидат со 4, 5 или помалку, тоа е сепак работа на оној што треба да менаџира. Ние, ценејќи ги извештаите, заклучивме прво дека полицискиот оддел работи многу малку. Нема многу предмети годишно – 90, а тројца обвинители се. 30 предмети ги добиваат обвинители месечно, а овие ги имаат годишно.
- Значи, ќе чекате Абази да ви каже?
„Не, ќе видиме сега. Абази може да каже делумно за него, сепак, ќе му треба време и тој да се вклопи“,
- Господине Јолевски, препорака на Европската комисија во извештајот беше дека. прво се заклучи дека има одреден напредок во работата на обвинителството за гонење на организиран криминал, од друга страна, јасно се повикува на зајакнување на неговите капацитети, не на ограничување на бројот на обинители. Во тој контекст, дали сте вие цврсто убедени дека треба да се намалуваат капацитетите на обвинителството?
„Не реков дека треба да се намалуваат. Треба еднаш да се види со овие десет обвинители и уште тројца се упатени, таму 13 работат. Затоа, треба да видиме до каде се со предметите и затоа реков треба да ги видиме извештаите, бидејќи ние видовме дека од СЈО си ги застапуваат предметите истите обвинителите кои се сега во други обвинителства, па продолжија. Бурим Рустеми гледам дека си ги застапува истите предмети иако е во Вишото јавно обвинителство…“
Иако не беше точка на дневниот ред, едно од клучните прашања до претседателот на Советот Јолевски беше – како ја коментира изјавата на амбасадорката на САД, Анџела Агелер, за изборот на Ислам Абази?

„Јас не можам да коментирам ставови, пак ќе ви речам, на други институции, на амбасадата или уште помалку на…“
- Добро, вие практично сте влада на обвинителството, еве така да се изразам
„Ние може да коментираме за наши одлуки. Сметам дека ние бевме, во рамките на тоа законот колку ни даваше можност, транспаренти во тој дел, го остваривме нашиот дел од работата. А сега, колку…“
- Значи не се согласувате со мислењето на амбасадорката?
„Не, не, реков дека не коментирам. Немојте, различно е…“,
- Значи се согласувате?
Не, јас… Сега малку, вака како на квиз, Да-Не.
- Па, црно-бело е обвинителе. Тоа се ставовите
„Не ги коментирам изјавите на дипломатските претставници, тоа се нивни изјави и сметам дека тие треба да се упатени кон политиката, а не кон судството“,
Како што беше прашан првиот човек на Советот на јавни обвинители, за ставот на американската амбасадорка беа прашани и политичарите. Владејачката ДУИ повика на ветинг не само во правосудството, индиректно отфрлајќи одговорност за изборот на обвинителот фотографиран со нивни високи функционери. Премиерот Ковачевски, пак, отфрли мешање на Владата и топката ја врати во дворот на обвинителите.

„Во однос на изјавата на американската амбасада, јас се согласувам со нивната изјава, морам да бидам искрен и можам тука да ви кажам слободно дека како претседтел на Владата и владата, зборам министрите, ние немавме никаков удел во изборот на шеф на Обвинителството за гонење на организиран криминал. Со оглед на тоа дека се работеше за непосреден избор, помеѓу самите обвинители во фелата, како бил направен изборот, тоа можат да ви го кажат најдобро обвинителите. Сметам дека пред нив има огромна работа и треба да покажат дека можат граѓаните и институциите да веруваат во тој систем“,
изјави премиерот Димитар Ковачевски.
Досега нема политичар или обвинител што се спротивставува на изјавата на амбасадорката Агелер. Ама па нема ниту таков што се препознава во неа лично.
И посочениот, обвинителот Ислам Абази, реши да не ја коментира изјавата на американската амбасадорка. Затоа, пак, прва активност на новата позиција за која реши да ја информира јавноста е средба со амбасадорот на Албанија, Фатос Река.