Новата зграда на ЕСМ/ЕЛЕМ се изгради во времето на власта на Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ, но при изградбата биле направени бројни измени за кои не било побарано и соодветно одобрение, како што налагаат законите. Пред месец дена, од актуелното раководство на ЕСМ изјавија дека се обидуваат да ги „легализираат“ тие измени преку комуникација со Министерството за транспрот и врски
Документите до кои дојде „360 степени“ покажуваат дека ЕСМ навистина се обидувало да го реши проблемот за зградата конечно да почне да се употребува. Но последните обиди, барем формално, се од 2019 година. Посредно, тоа значи дека три и пол години ЕСМ има „кренато раце“ од мисијата – да се отвори зградата на која се потрошија 17 милиони евра од Буџетот
Зграда во центарот на Скопје, веднаш спроти Старата железничка станица, е новиот простор во кој треба да се смести целата администрација и раководство на државната компанија Електрани на Северна Македонија, скратено ЕСМ. Однадвор, објектот изгледа како да е напуштен, но вистината е дека никогаш и не беше вселен.

А внатре, не само што се изведени сите градежни зафати, туку со години има и мебел. Готова е и канцеларијата на директорот, заедно со собата за состаноци, собата за релаксација, одвоениот тоалет со туш кабина…
Сменета била и стабилноста на објектот
Точните причини што и канцеларијата на директорот и останатите се празни се содржани во овие два документи. Тоа се одлуки на Министерството за транспорт со кои практично се одбиваат обидите на ЕСМ – објектот да добие употребна дозвола.
Првото решение е од јули 2018 година. Во него се одбива барањето на тогашното раководство на ЕСМ за одобрување на измени во тек на градба, кои патем биле изведени без одобрение од раководствата во времето кога на власт беше ВМРО-ДПМНЕ.

Причините се 13 на број, меѓу другото, затоа што нема образложенија со текст или или со графички прикази каде се вршеле измени, во фаза архитектура, во фаза градежно-конструктивен проект, во фаза водовод, во фаза електрика…
„Доставениот основен проект … е изработен како нов проект … во кој воопшто не е споменато дека за наведената градба на инвеститорот му е издадено одобрение за градење, во кое е наведен … и основен проект кој бил одобрен. Изработувачот на проектот, занемарувајќи го постоењето на тој проект, изработил сосема нов основен проект, кој дава и комплетна предмер-пресметка со сите позиции како за изградба на нов објект“,
пишува во Решение бр.20 Уп 118/18 Е на Министерството за транспор и врски од 26 јули 2018 година.
По првото одбивање поради бројни недостатоци во документацијата, ЕСМ работеле речиси една година пред повторно да се обратат до Министерството за транспорт.
Но, на 28 мај 2019 година, ресорот со кој во тој момент раководи Горан Сугарески, повторно одбива да одобри измени во тек на градба. Причините се опишани во шест точки, но еден момент најдобро го илустрира пристапот кон градбата.

Пред отпочнување на градењето, на веќе добиено одобрение, изведувачот доставил проект за заштита на градежната јама. Тој предвидувал изведба на армирано-бетонска дијафрагма по целиот обем на објектот, што на крај, спротивно на одобрението, ги поместило столбовите на објектот кон внатрешноста за 60 сантиметри.
„Горенаведените измени во дел од армирано-бетонските конструктивни елементи условија и измени во севкупната носивост и стабилност на објектот (особено што измени настануваат во прераспределбата на сеизмичката сила)“,
се вели во Решение бр.28 Уп 172/19 на МТСП од 28 мај 2019 година.
Па, меѓу другите недостатоци поради кои Транспорт по вторпат одбил да одобри измени во тек на градба е констатацијата дека „не е доставено позитивно мислење за проектираниот степен на механичка отпорност, стабилност и сеизмичка заштита на градбата“.
Не може да се издаде мислење за проектот, кога објектот е веќе изграден
Во земјава има само една институција што може да го издаде мислењето кое го бара Министерството за транспорт и врски.
Но, директор на Институтот за земјотресно инженерство и инеженерска сеизмологија вели дека не може сега да издаде мислење за проектираниот степен. Ем објектот е веќе изграден, ем во моментот кога добил одобрение, таквото мислење не било задолжително по закон.

„Затоа и ние во писмен допис до ЕЛЕМ, како инвеститор, им ги објаснивме овие работи и им кажуваме, соопштуваме дека ИЗИИС не може да издаде мислење за проектиран степен, бидејќи објектот добил одобрение за градење пред 2013 година.
– Практично, дали објектот може да добие употребна дозвола ако Министерството за транспорт остане на ова барање. Или не може, односно вие никогаш не би можеле да го дадете тоа?
Па, ние не можеме, ќе го прекршиме законот. Бидејќи даваме мислење за проектиран степен на изведен објект којшто си има валидно одобрение за градење. И тоа издаден од тој орган – Министерството за транспорт и врски.
– Значи, сметате дека транспорт треба да го прескокне овој дел како…?
Други се проблемите. Не е проблемот мислењето за проектиран степен на заштита на градбата“,
изјави Влатко Шешов, директор на ИЗИИС.
Шешов е запознаен со проблемите што ја следат новата зграда на ЕЛЕМ, бидејќи институцијата што ја води пред три-четири години повремено учествувала во обидите да се најде решение.
Во тој процес изработиле и стручно мислење, кое е различно од тоа што го бара Министерството за транспорт, а покажало дека објектот е сеизмички сигурен и покрај одредени недоследности.

„Целата работа се состои во тоа што требаше пред две-три години да се собере (документацијата н.з.)… Прво, требаше да се има желба, сили, да се собере целата достапна проектно-техничка документација постојна, да се види што недостасува, што може да се обезбеди. Ако нешто недостасува, може да се направи дијагностика на зградата, мерење на конструктивни елементи. Се може и тоа еднаш засекогаш да се заокружи. Меѓутоа, не со мислење за проектиран степен бидејќи, како што кажав, не е можна, не можеме ретроактивно назад да се враќаме“,
изјави Влатко Шешов, директор на ИЗИИС.
Минатиот месец од АД ЕСМ објаснија дека новиот објект не е во употреба поради одбивањето на Министерството за транспорт и врски да ги одобри измените во текот на градба.
За оваа сторија, пак, не одговорија на дополнителните прашања:
– Зошто три и пол години немаат постапено по забелешките од транспорт?
– Дали ќе го рушат објектот, ако не можат да ги решат недостатоците?
– Дали имаат поднесено кривични пријави за начинот на кој се градела зградата?
Новиот објект на ЕСМ беше промовиран како речиси готов во мај 2017 г. од тогашниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски и тогашниот директор на ЕЛЕМ, а сега претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Изградбата траеше околу четири години откако претходно со насилство не и се дозволи на новата локална власт во Општина Центар да ја спречи изградбата на повеќе објекти од „Скопје 2014“, на што, пак, претходеа полноќни полициско-дрвосечачки акции за некогашните паркови да станат парцели за државни згради.