Земјотресот што попладнево се почувствува во Скопје за момент ја прекина и прес-конференцијата на министерот за надворешни работи, Бујар Османи и специјалниот претставник на земјава во Бугарија, Владо Бучковски.
Во време кога министерот Османи одговараше на новинарски прашања, зградата на МНР почна да се тресе и за момент беше прекината прес-конференцијата.
Земјотресот, како што соопшти сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје бил со јачина од 3,5 степени по Рихтер.
Според податоците со кои располага Сеизмолошката опсерваторија, земјотресот најсилно бил почувствуван од граѓаните во Скопје со интензитет од четири до пет степени според Европската макросеизмичка скала.
Земјотресот беше почувствуван во 14:09 часот, а по него следуваше уште еден со послаб интензитет. Според информациите на Европскиот медитерански сеизмолошки центар со седиште во Франција, епицентарот на земјотресот бил на девет километри источно од Скопје, со јачина од 3,9 степени според Рихтеровата скала.