Ако народните претставници решат да не му служат на народот на Украина туку на убијците што дојдоа во Украина, нашите постапки ќе бидат соодветни, порача Зеленски
Украинскиот претседател Володимир Зеленски им го укина украинското државјанство на четворица политичари, вклучително и на прорускиот политичар Виктор Медведчук, кој минатата година беше префрлен во Русија според договор за размена на затвореници.
„Одлучив да им го одземам државјанството на четири лица: Андриј Леонидович Деркач, Тарас Романович Козак, Ренат Равељович Кузмин и Виктор Володимирович Медведчук. Ако народните претставници решат да не му служат на народот на Украина, туку на убијците кои дојдоа во Украина, нашите постапки ќе бидат соодветни“,
рече Зеленски во своето ноќно видеообраќање.
Медведчук, близок соработник на лидерот на Кремљ, Владимир Путин, ја предводеше забранетата проруска опозициска партија – За живот во Украина и се соочи со обвиненија за предавство пред да биде префрлен во Москва во септември 2022 година. И Козак и Кузмин беа избрани во украинскиот парламент како членови од партијата на Медведчук.
Соединетите Држави воведоа санкции против Козак, сопственик на три телевизиски канали, во јануари 2022 година за наводно ширење руска дезинформација, откако Киев побара негово апсење под обвинение за предавство. Украина исто така го обвини Кузмин за велепредавство.
Деркач, украински пратеник, исто така санкциониран од Вашингтон, беше обвинет во САД во декември за перење пари и кршење на санкциите. Тој беше обвинет дека ѝ помогнал на Русија да се меша во претседателските избори во САД во 2020 година.