Во судирите со полицијата, кон која демонстрантите фрлаа со разни предмети, имаше и повредени лица, а нападната беше и екипата на информативната агенција МИА
По речиси три часа од почетокот на демонстративниот марш, предмалку заврши протестот за случајот „Монструм“.
Откако демонстрантите се разотидоа, се повлече и полицискиот кордон од пред ТЦ „Мавровка“.
Градските комунални служби го расчистуваат нередот на улиците, кој настана во судирите на демонстрантите со полицијата.
Во судирите со полицијата, кон која демонстрантите фрлаа со разни предмети, имаше и повредени лица, а нападната беше и екипата на информативната агенција МИА.
Протестите ги најавија роднините на првостепено осудените во случајот кои се жалат дека тие се невини и осудени без докази.
Со првостепената пресуда која Основниот кривичен суд во Скопје ја изрече во вторникот (23 февруари) на доживотен затвор за тероризам беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Хаки Азири на 9, а Фејзи Азири на 15 години за помагање. Сами Љута доби ослободителна пресуда откако обвинителството се откажа од негово гонење поради немање докази за вмешаност во петкратното убиство.
Ова не се први протести што ги организираат роднините на осудените. Тие протестираа и по завршните зборови на обвинителството во кои Фатиме Фетаи остана на обвинението за тероризам и побара најстроги казни.