Проблемот во безбедносната контрола на аеродромот настанал, наводно, кога патниците кои долетале од Северна Македонија по слетувањето влегле во автобус кој ги однел на погрешна порта и се нашле во транзитната зона, каде што не смееле да бидат бидејќи земјата не спаѓа во групата држави кои ги имаат потребните дозволи за тоа

Поради грешка во редовниот проток на патници на аеродромот „Никола Тесла“ во Белград има прекин во одвивањето на авиосообраќајот, пренесуваат српските медиуми.
Според пишувањата, во тек е евакуација на сите патници од зградата, кои потоа ќе треба уште еднаш да поминат низ безбедносната контрола што веќе ја поминале.
Проблемот во безбедносната контрола на аеродромот настанал, наводно, кога патниците кои долетале од Северна Македонија по слетувањето влегле во автобус кој ги однел на погрешна порта.
Патниците од Северна Македонија така се нашле во транзитната зона, каде што не смееле да бидат бидејќи земјата не спаѓа во групата држави кои ги имаат потребните дозволи за тоа.
„Поради грешка во функционирањето на услугите на операторот на аеродромот ‘Никола Тесла’ во Белград, во неделата околу 17 часот во транзитната зона дошло до мешање на патници кои пристигнале од Скопје со други патници кои имаат намера да патуваат до европските и светските дестинации, над кои претходно бил извршен преглед на лица и багаж“,
велат од Министерството за внатрешни работи на Србија, пренесуваат тамошните медиуми.
Патниците од С Македонија се запрени и подоцна ќе треба да ги поминат сите безбедносни контроли пред да може да продолжи нормалното функционирање на патничкиот сообраќај на аеродромот.
Од аеродромот „Никола Тесла“, за српските медиуми велат дека поради грешка во задолжителниот проток на патници на аеродромскиот терминал, Министерството за внатрешни работи врши вонредна безбедносна контрола на објектот, што може да доведе до потенцијални доцнења на летовите во вечерните и во утринските часови.
„Сите аеродромски служби се во контакт со другите учесници во авиосообраќајот и преземаат сè што е потребно за што поскоро нормализирање на сообраќајот. Им благодариме на патниците за разбирањето и ги советуваме да го следат распоредот на летови на beg.aero“,
велат од аеродромот во врска со овој инцидент.
Српскиот медиум Н1 пренесува соопштение од „Ер Србија“ каде што се потврдува дека е можно да има отстапувања во планираниот ред на летање во вечерашниот и во утрешниот утрински бран на сообраќајот.
„Поради грешка при следењето на редовните текови на влезните патници од страна на надлежните служби на белградскиот аеродром, Министерството за внатрешни работи на Република Србија нареди вонреден преглед на терминалот за полетување на белградскиот аеродром Никола Тесла попладнево (недела, 21 јануари 2024 година). Како резултат на споменатиот вонреден инспекциски надзор, можно е да има отстапувања во планираниот ред на летање во вечерашниот и утрешниот утрински бран на сообраќајот на ‘Ер Србија’. Се очекува некои летови во утринскиот бран да доцнат и до два часа“,
се наведува во соопштението кое го пренесува Н1.