Претседателот на СДСМ изјави дека актуелниот кумановски градоначалник е еден од фаворитите, ама дека има и други кандидати
Премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев, попладнево во Куманово, избегна попрецизен одговор на новинарско прашање околу кандидатот на владејачката партија за градоначалник на најголемата општина во земјава, односно дали сегашниот градоначалник Максим Димитриевски повторно ќе биде кандидат на претстојните локални избори.
„Прво ние сме другари, социјалдемократи, и секогаш во демократска процедура ги утврдуваме кандидатите за функции. По пат на анкети и истражувања, ќе им ги понудиме на граѓаните нашите кандидати, прво за градоначалници, а потоа и за советници. Секако дека Максим е еден од фаворитите, но имаме и други кандидати кои се овде“,
изјави Заев на прашање дали неговата денешна посета на Куманово значи поддршка за нова кандидатура за Димитриевски.
Димитриевски е на крајот на првиот мандат како градоначалник на Куманово -општината во која локалната власт во континуитет е во рацете на СДСМ во изминатите повеќе од две децении.
Кога беше избран за градоначалник, на 15 октомври 2017 година, Димитриевски ја напушти пратеничката функција. Но, во екот на пандемијата, минатата година, кога Куманово беше најголемо жариште на ковид-19, дојде до несогласувања на Димитриевски со раководството на СДСМ, како и со тогашната техничка влада, на чело со Оливер Спасовски. За недоразборања со Димитриевски се зборуваше и по неодамнешниот конгрес на СДСМ, кога кумановскиот градоначалник не влезе во листата на кандидати што ја подготви Заев за членови на новиот Централен одбор на партијата.
При денешната посета на Куманово, Заев коментираше и за најавената блокада на ВМРО-ДПМНЕ на еколошката такса за горивата, посочувајќи дека не е изненаден од ваков потег на опозициската партија и нагласувајќи дека сретствата од оваа такса би биле искористени за зелен развој.