Лидерот на владејачката партија рече дека СДСМ оствари победа или предност пред ВМРО-ДПМНЕ во триесетина општини и дека во 36 натпреварот продолжува во вториот круг
Главата горе. Ја разбираме пораката од граѓаните. Тие очекуваат уште повеќе рабoта, рече лидерот на СДСМ, Зоран Заев, коментирајќи го исходот од денешниот изборен ден, на прес-конференција што почна еден час по полноќ и со половина час задоцнување.
Тој оцени дека денешните избори биле фер и демократски и нагласи дека СДСМ победи во првиот круг или оствари водство пред ВМРО-ДПМНЕ во околу 30 општини.
„СДСМ влегува во втор круг во 36 единици на локалната самоуправа, вклучително со градот Скопје, каде што нашиот кандидат засега води со околу 15 илјади гласови. Затоа очекуваме солиден резултат на 31 октомври. Пред вториот круг ќе се обединат прогресивните сили од коалицијата со која сме на власт на централно ниво“,
рече Заев, додавајќи дека тоа е причината поради која ВМРО-ДПМНЕ бараше изборите за градоначалници да бидат во еден круг.
Тој посочи дека во голем дел од општините каде што ќе има втор круг, а посебно онаму каде што ВМРО-ДПМНЕ има предност, разликата во гласовите, всушност, се надополнува со гласовите што ги освоиле кандидатите за градоначалници на партиите кои се во коалиција со СДСМ. Поради тоа, Заев смета дека со обединување на коалициските сили се можни пресврти во вториот круг.
„Коалицијата се обединува затоа што злото се заканува“,
рече Заев и повиика на масоност на гласањето за две седмици, апелирајќи своето гласачко право да го искористат и оние кои денеска останаа дома.
Исто така, наведе дека во наредните денови, коалициските партнери во Владата почнуваат со обединување, за, како што рече, мнозинство во советите на општините.
На прашање дали солидниот резултат на опозицијата на овие локални избори може да го доведе во прашање парламентарното мнозинство, Заев рече дека нема да се случи тоа, затоа што изборите не се завршени се уште, а партиите кои се во колаиција со СДСМ, како што посочи, се прогресивни и имаат своја идеологија која не се совпаѓа со политиките на ВМРО-ДПМНЕ. Во тој контекст, посочи дека СДСМ има коалициски потенцијал каков што нема ВМРО-ДПМНЕ.