Предлогот го нарече „ултиматум за нашата Македонија и диктат за мегаломански барања и историски аспирации кон Македонија“
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христија Мицкоски изјави дека за неговата партија она што е француски предлог кое треба да ја отвори вратата на ЕУ за нашата држава е неприфатливо. Тој на денешната прес-конференција го анализираше предлогот, за кој рече дека по свои канали го добиле во партијата и правеше споредба со она што било првичниот ваков документ.
„Предлог кој е ултиматум за нашата Македонија, предлог кој е диктат за мегаломански барања и историски аспирации кон Македонија. За таков предлог одговорт е не, благодарам. Предлогот кој е на маса, а Владата го криеше, а до кој дојдовме ние по наши канали, всушност е истиот, кој веќе еднаш беше одбиен“,
нагласи Мицкоски.
Тој рече дека со жалење мора да констатира дека овој предлог ги содржи сите бугарски барања и во делот на историјата, и во делот на јазикот и во делот на идентитетот.
„Прифаќањто на ваквиот предлог подразбира целосно право на Бугарија да менува учебници и да ги пишува согласно бугарскиот диктат, а нашите деца во основното образование да учат според бугарскиот дикатат или нема европска иднина. Прифаќање дека Гоце Делчев, Даме Груев, Јане Сандански и останатите херои и револуционери биле Бугари, дека македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот. Секој кој како Владата, како Ковачевкси, Османи и Маричиќ, ќе ви кажува нешто поинаку, ви кажувам со сиот мој дигнитет и име,не ја говори вистината или да бидам подиректен ве лаже. Затоа, имаме два документи, два процеси, сменети зборчиња, семантичка инверзија, кои Владата ни ги кажува како успех“,
рече Мицкоски.
Коментирајќи го како што рече, модификуваниот француски предлог, Мицкоски рече дека според предлогот, земјава нема да го отвори првиот кластер „фундаменти“ се додека не се случат уставните измени на кои се повикуваат заклучоците од Европскиот совет.
„Нема да имаме почеток и отворање на кластерот се додека не се случат уставните измени. На страна 8, пак, од предлогот, е избришан делот каде во првиот дел стоеше делот за јазикот ама јасно стои дека Македонија не може да го почне процесот на преговори се додека не биде поптишан протоколот од втората средба на заедничката меѓувладина комисија која е основана врз основа на чл. 12 од Договорот за добрососедство што го има нашата Влада потпишано со нашиот источни сосед. Тоа е оној протокол во кој се содржани историјата ,културата, се што треба да се направи како измена во нашите учебници“,
рече Мицкоски, додавајќи дека сето она што го вели Ковачевски, „не е визија, не е стратегија, ниту битка за идните генерација, туку срам, пораз и капитулација што идните генерации ќе ја имаат како грутка во својата душа“.
Тој повика на сенароден протест пред Владата утре во 19 часот.
„Одобрувањето на ваква рамка со ултиматум – или во ЕУ асимилирани и бугаризирани или секогаш д аостанеме надвор од ЕУ. Јас ултиматуми по цена на достоинството на народот не прифаќам и нема никогаш да се согласам на тоа. Затоа велам дека треба да сме гласни. Имаше иницијатива за протести и ВМРО- ДПМНЕ ќе се приклучи на таа иницијатива. Повикувам на сенароден протест. Секој оној кој ја сслуша оваа прес-конференција и мисли дека ова што го зборувам е така, нека ни се придружи утре пред владата во 19 часот“,
рече Мицкоски.