Армијата објави дека го соборила претседателот Мохамед Базум
Во западноафриканската држава Нигер армијата синоќа изврши државен удар. Војската на нацоналната телевизија објави дека уставот е суспендиран, сите државни институции се распуштени и дека е воведен полициски час.
Претседателската гарда го зароби претседателот Мохамед Базум во палата во главниот град Нијамеј, а регионалните лидери организираа брза посредничка мисија за да се обидат да спречат уште едно потенцијално насилно преземање власт во Западна Африка.
Нигер, чија историја е обележана со државни удари, е еден од последните сојузници на западните земји во областа опустошена од џихадистичкото насилство.
ОН, Африканската Унија, САД и Европската Унија го осудија бунтот.
Африканската Унија и западноафриканскиот регионален блок ECOWAS го осудија, како што го нарекоа, обидот за државен удар, повикувајќи ги бунтовниците да го ослободат претседателот и да се вратат во своите касарни.
САД повикаа на ослободување на претседателот, додека Европската Унија, Франција и други го осудија бунтот и рекоа дека со загриженост ги следат настаните.
„Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, остро ја осуди неуставната промена на власта во Нигер“,
изјави неговиот портпарол откако армијата објави дека го соборила претседателот Мохамед Базум.