Акцијата резултирала со четири претреси на куќи во Србија и апсење на пет српски државјани, меѓу кои и водачот на криминалната група. Спасени се осум жртви, од кои шест малолетни на возраст од пет до осум години и две 17-годишни девојки
Криумчари на деца биле уапсени во Србија откако српската полиција во соработка со Европол ја разоткрила и разбила нивната криминална мрежа која се протегала во неколку земји од ЕУ. Криминалната мрежа на семејството е осомничена за трговија со луѓе со цел присилен брак, принудно питање и принуден криминал.
Како што информираат од српското Министерство за внатрешни работи, во истрагата се вклучени и властите на Австрија, Франција и Германија. Акцијата резултирала со четири претреси на куќи во Србија и апсење на пет српски државјани, меѓу кои и водачот на криминалната група. Спасени се осум жртви, од кои шест малолетни на возраст од пет до осум години и две 17-годишни девојки. Запленети се големи количини готовина и дигитална опрема, меѓу кои повеќе од шест мобилни телефони и финансиски документи.
Уапсени се Н. Т. (1981), З. М. (1962), Ј. М. (1981), Н. М. (1997) и М. А. (1975), сите од Лозница.
Ги мамеле жртвите во љубовни врски
Уапсените се осомничени дека тргувале со свои биолошки деца и други деца со кои се во роднински врски. Осомничените, наводно, принудувале малолетници да питаат и да вршат кривични дела во Србија, Австрија, Франција и Германија. Истрагата покажува дека осомничените експлоатирале малолетници и ги продавале жртвите на други сторители надвор од Србија.
Како што информираат од Европол, членовите на криминалната група го користеле и „љубовниот“ модус операнди за да ги намамат жртвите во романтични врски, по што ги експлоатирале преку принудно просење и принуден криминал.
Меѓу жртвите има и една Украинка
Повеќето од жртвите се од српска националност, освен една Украинка, која членовите на криминалната група ја принудиле да проси. Осомничените переле пари купувајќи луксузна стока и одржувајќи висок животен стандард. Малолетните жртви биле преземени од српските служби за заштита на децата.
„При акцијата за апсење на повеќе локации пронајдени се шест деца на возраст од 6 до 11 години кои биле згрижени во соработка со Управата за координација на активностите во борбата против трговијата со луѓе, Центарот за заштита на жртви на трговија со луѓе и Центарот за социјална работа во Лозница, согласно нивните надлежности и начелото за најдобар интерес на детето“,
информираат од српското МВР.
Од Европол посочуваат дека ги поддржале оперативните активности, ја олесниле размената на информации и обезбедиле аналитичка поддршка.
„На денот на акцијата, Европол испрати експерт во Србија за да ги потврди оперативните информации во реално време и да обезбеди поддршка на истражителите на терен“,
велат од Европол.