Претседателката на Централната изборна комисија на партијата рече дека овој одѕив е добар податок. Гласањето на 194 места завршува во 19 часот
Дванаесет отсто од членството на СДСМ излегло на гласање во првите три часа од денешните вонредни внатрепартиски избори. Претседателката на партиската Централна изборна комисија, Викторија Мадиќ, оцени дека оваа излезност е добар податок.
Таа рече дека сите 194 избирачки места во 80 општини се отворени во 8 часот и дека гласањето се одвива без застои, во демократска атмосфера и со почитување на мерките за заштита од ковид-19.
Членовите на СДСМ кои до предвидениот рок не се регистрирале како гласачи, тоа може да го направат во текот на денот на гласачите места. Сите кои имаат електронска членска книшка на СДСМ имаат право на глас, рече Мадиќ.
Таа најави дека, по завршувањето на гласањето во 19 часот, изборната комисија ќе ги соопшти резултатите од денешните вонредни избори во партијата, кои следуваат по оставката на досегашниот лидер Зоран Заев, кој го водеше СДСМ од средината на 2013 година.
На вторите директни избори во СДСМ, а први вонредни, кандидати за нов лидер се Димитар Ковачевски, Фросина Ременски и Јован Деспотовски.