Според најавите од Владата, веќе требаше да се гради објектот за кој Владата одобри пари уште минатата година. Проектот требаше да оди преку Министерството за транспорт и врски
Дојдовме до проектот. Но никој од инволвираните локални и централни власти не ни одговорија – кога ќе се распише тендерот за изградба и зошто се случува застој уште пред самиот почеток
Беа последните денови од ноември кога вицепремиерот Изет Меџити лани излезе на прес-конференција во Владата, во друштво на министри и заменици-министри од „Вреди“. Со задоволство, како што кажа, информираше дека Владата ќе одвои 20 милиони евра за подземна гаража кај плоштадот Скендербег.
„Овој повеќегодишен проект кој предвидува изградба на 371 нови паркинг места, распоредени на две подземни нивоа со вкупна површина од повеќе од 13 000 метри квадратни, а ќе бидат обезбедени и адекватен број на паркинг места за лица со посебни потреби“,
најави Меџити на 26 ноември 2024 година.
Веднаш не заинтересира најавата, од две причини. Првенствено, затоа што Старата скопска чаршија има голем проблем со паркирање. А потоа, цената.

Според најавата на Меџити, ако за 371 нови паркинг места се потрошат 20 милиони евра, тоа значи дека едно паркинг место ќе чини околу 53 900 евра. Или, за оние кои така им е полесно, ако се знае дека површината на градбата е 13 000 метри квадратни, тоа значи дека изградбата на метар квадратен кај Скендербег ќе чини 1 540 евра.
Уште во декември, се обративме до сите страни вклучени во процесот. Сакавме да го видиме проектот. Од Министерството за транспорт и врски, каде се парите за тендерот, не препратија во Општина Чаир. Таму, пак, ни ги отворија вратите за да ни ја покажат документацијата.
Секретарот на Општина Чаир, Фарук Невзади, ни објасни дека е предвидено да остане сегашната улица која се поврзува со булеварот „Гоце Делчев“.
„Влезот е од семафорите кај „Мавровка“, булеварод „Гоце Делчев“, првата кривина десно е постојниот пат, влезот на подземниот паркинг е од овој дел, тука продолжува влезот на паркингот „Мавровка“, а тука е предвиден и влезот за третата фаза од плоштадот, овој пат продолжува, тука е другиот влез за постоечката зграда,и тука има влез на таа друга рампа“,
објаснува Невзади.
За оние кои нема да сакаат да влезат во новиот подземен паркинг или во паркингот под „Мавровка“, ќе се направи кружен тек на крајот на улицата, за да може лесно да се вратат кон булеварот или, пак, ако се жители да си паркираат во зградите или куќите.

Но кружниот тек ќе служи и за да го прими сообраќајот од излезот на гаражата.
„И продолжува, овде се создава кружен тек, свртете десно, тука е излезот од паркингот, тука е влезот, тука е излезот од подземниот паркинг и ќе влезете во кружниот тек и ќе излезете, во овој дел нема влез воопшто, влезот на овој дел е планиран да биде овде“,
дообјаснува секретарот на Општина Чаир.
Тоа ќе се гледа над земја. А под земја, паркингот ќе се простира во две нивоа, дел под сегашниот надземен паркинг до плоштадот Скендербег, дел под улицата и сегашните паркинзи.
На местото на сегашниот надземен паркинг предвиден е плочник со фонтана и зеленило. Застаклениот објект на сликата е еден излезите за патници од паркингот.

На десната страна, каде сега има паркинг првично наменет за жителите на зградите и зеленило, повеќе нема да има место за автомобили. Просторот е пополнет со поплочени површини, урбана опрема и зеленило. И уште еден излез за патници од подземниот паркинг.
Дали е потребен паркингот, макар и толку скап? Луѓето кои гравитираат во овој дел од градот немаат дилема.
Но, помина декември, дојде Нова година, а помина и јануари. Не е распишан ниту тендер, а вицепремиерот Меџити уште во ноември ветуваше…

„Верувам дека постапката за тендер ќе се отвори наскоро и на почетокот на 2025 година ќе почнат градбите…“,
рече Меџити.
Зошто не е распишан тендер? Зошто не се гради? Одговорот, прво, се обидовме да го добиеме од човекот кој го најави проектот, вицепремиерот и министер за животна средина Изет Меџити. Тој не препрати во Министерството за транспорт и во Општината Чаир.
Од Чаир, и покрај неколку обиди, не успевме да добиеме изјава од градоначалникот – што ги кочи работите. Во Министерството за транспорт, пак, став побаравме и лично од заменичката-министерка која е од редовите на „Вреди“ и преку службата за односи со јавност. Не добивме одговор на ниту едно прашање.
Единствената официјална потврда до која можевме независно да дојдеме е на Бирото за јавни набавки. Паркингот кај „Скендербег“ е влезен во годишниот план за јавни набавки на Министерството за транспорт. Тендерот, пишува таму, е планиран за февруари.
Зошто, тогаш, никој не сака да дадат конкретен став – кога ќе биде распишан тендерот? Кој ќе го распише? Кога ќе почне да се гради?
Избегнувањето да се даде јасен став со рокови, вообичаено значи дека во позадина некои работи не се до крај јасни. Но, зборот веќе е даден.
„Ќе обезбедиме транспарентност, отчетност во сите фази на реализација со цел да ги оправдаме довербата и очекувањата на граѓаните. Оваа Влада е посветена на решавање на проблемите на граѓаните“,
потенцираше министерот за животна средина и просторно планирање.