Додека комесарот Оливер Вархеји денеска пред европратениците во Стразбур ја бранеше новата методологија за пристапување на земјите кандидатки, претставници на влијателни европски тинк-тенк организации со кои разговаравме овде во Брисел излегоа со внимателни изјави за тоа дали документот ќе води до одлука за почеток на преговори со Северна Македонија и со Албанија кон крајот на март. Тие немаат дилеми дека методологијата е направена за да и се овозможи, пред се, на Франција на достоинствен начин да се врати со позитивен однос кон процесот на проширување, но за нејзината содржина велат дека е препакување на постоечките инструменти и дека не ги решава сите проблеми.
Поранешниот евроамбасадор во земјава Ерван Фуере не е сигурен дали има доволно време до март, па зборува за можно пролонгирање на одлуката за преговори во јуни.

„Би сакал да посакувам и да се надевам дека тоа е реалистично, но имам сомнежи од повеќе причини. Прво, на земјите членки ќе им треба време да ги апсорбираат овие различни предлози. Комисијата ќе се обиде да ги притисне многу силно. Потоа, имаме внатрешни прашања, а во Франција има локални избори што ќе завршат непосредно пред Европскиот совет на крајот на март. Така што, не е јасно дали ќе има доволно време. Идеално, би требало да имаме одлука во март, но таа може да биде одложена за јуни. Како и да е, во име на кредибилноста на ЕУ мора да има одлука за почеток на пристапни преговори со Северна Македонија и со Албанија во текот на оваа година. Во спротивно, ЕУ може да заборави на понатамошно проширување и на нејзината посветеност на проширувањето, бидејќи минатата година не успеа да ги исполни своите ветувања кои ги даваше повеќепати за регионот на Западен Балкан“,
вели Ерван Фуере, поранешен амбасадор на ЕУ во РСМ.
Професорот на Универзитетот во Амстердам, Стевен Блокманс, е за нијанса попозитивен во очекувањата од Фуере. Но и тој има резерви за март пред се поради разликите кај дел од државите членки за тоа дали одлука треба да се носи за Скопје и Тирана во пакет или пак треба да се разделат.

„Веќе видовме некои позитивни сигнали особено од Франција и француските претставници, како од актуелната влада така и од поранешни функционери кои сега се Европскиот парламент. Тие го поздравуваат предлогот на Комисијата за ревидираната методологија и веќе го креваат влогот за тоа каква форма ќе добие политичката одлука на Париз и, се надевам, на другите главни градови на земјите членки на ЕУ пред Советот во март“,
вели Стевен Блокманс, професор на Универзитетот во Амстердам.
360: Во врска со Холандија, запознаени сте со холандската политика, предавате на Универзитетот во Амстердам. Дали мислите дека владата во Хаг ќе се противи на позитивна одлука за двете земји или ќе видиме уште еден спор за „спојување“ и „раздвојување“ на Македонија и Албанија, што може да биде уште една причина за одложување на целиот процес?
„Се плашам дека има голема шанса за нешто такво. За прашањето за раздвојување има спротивставени ставови во главните градови на земјите членки – Берлин, Париз, Хаг, како што споменавте. Се плашам дека раздвојувањето би можело да стане условот поради кој одлуката ќе продолжи да виси и во март. Тоа може да предизвика дополнително одложување. Ја видовме Ангела Меркел која настапи многу цврсто против раздвојување, додека другите беа помалку сигурни во тоа. Може да има негативни последици, за Албанија особено, ако одлуката се донесе на овој начин, со што ќе се дозволи барем Северна Македонија да напредува на својот пат“,
вели Блокманс.
Преспанскиот договор, кој е веќе дел од предизборието во земјава, е прашање за сериозна анализа овде во Брисел. На ситуацијата се гледа од европска перспектива – како застојот во напредувањето на Скопје во ЕУ-интеграциите влијае и ќе влијае врз спроведувањето на Договорот, кој беше оценет за историско постигнување. Фуере има забелешки на односот на Бугарија, особено кон прашањето за историјата.
„Во овој град, секако, има многу загрижени дека позицијата на воздржаност на некои земји членки, поради домашни причини, ќе ја отфрли важноста на спроведувањето на Договорот од Преспа. Исто така, дека ќе ја отфрли стратешката важност на регионот во однос на другите глобални играчи. Во Брисел има јасен и координиран притисок за почитување на Договорот од Преспа за да се гарантира дека во европските главни градови, особено во Париз, ќе се цени Договорот во неговата целост“,
вели Блокманс.
„Моето чувство е дека земјите членки имаат одговорност, како Бугарија, како Грција, да ја употребат таа одговорност на позитивен начин, а не да се обидуваат да го наметнат својот тесно националистички пристап за решение на некој проблем. Случајот на Бугарија со договорот за добрососедство и комисијата за историја, мислам дека е штета што Бугарија не застапува многу поевропски пристап. Наместо тоа, тие туркаат своја националистичка агенда која не е од помош, која поставува многу лош пример за регионот и многу лош пример за која било земја членка на ЕУ. Бидејќи, на крајот, темелите на Европската Унија почиваат на помирување. Втемелена е на промоција на процес на соочување со историјата на објективен начин, а не со обид повторно историјата да се напише за својот тесен интерес“,
вели Фуере.
Значи, иако оценките за новата методологија се генерално позитивни, тоа не е доволна гаранција за познавачите дека во март ќе има консензус за деблокада на Македонија и Албанија. Искуството од неколкуте претходни искуства со земјите членки ги учи да бидат претпазливи до крај.