На наредното рочиште на 24 септември странките ќе почнат со изнесување на завршните зборови, по што набргу се очекува да има и пресуда во овој случај
Во завршницата на судскиот процес за предметот кој во јавноста е познат како „Насилство во Центар“, одбраната излезе со неколку барања, меѓу кои и сведочење на неколку познати лица, но судот не ги прифати.
Судскиот процес за насилните протести пред Општина Центар летото 2013 година е во фаза на дополнување на доказната постапка, а денеска најмалку четворица од обвинетите за насилството, меѓу кои и ексминистерот Миле Јанакиески, предложија да биде повикан владиката Агатангел.

Околностите поради кои бараат да сведочи е што тој јавно повикувал на протести против уривањето на започната изградба на црквата „Свети Константин и Елена“ на улица „Македонија“. Исто така, сведоци кажале дека тој ги организирал протестите, а не ВМРО-ДПМНЕ.
„Суштински е дека друг е организатор, а не ВМРО-ДПМНЕ“,
рече Јанакиески во дел од своето излагање пред судот.
Јанакиески се пожали дека судот не му прифатил ниту еден од 15-те сведоци, па побара во оваа фаза да бидат испитани барем 3-4 кои за неговата одбрана се најважни. Генералниот секретар во бившата влада на Никола Груевски, Кирил Божиновски, Мартин Протуѓер и поранешниот градоначалник на Аеродром, Ивица Коневски, се меѓу сведоците кои тој и неговите адвокати ги побараа.
Тие го бараат и актуелниот градоначалник на Центар, Саша Богдановиќ, а причината ја образложија со тоа што Богдановиќ во времето на објавување на „бомбите“ на прес-конференција презентирал еден разговор помеѓу Миле Јанакиески и Никола Груевски, кој не бил доставен како доказ на СЈО.
„Лицето Саша Богдановиќ да се сослуша за да даде податоци дали тој разговор е дел од тие што се предадени во СЈО“,
рече адвокатот Еленко Миланов во судницата.
Адвокатите се обратиле и до обвинителството за да го побараат разговорот, а оттаму, како што презентираше Јанакиески денеска, им одговориле дека тој разговор нема важност за предметот и не претставува доказ бидејќи од него не произлегува некој факт важен за одбраната или за обвинителството.

Одбраната на Јанакиески вели дека ако се согледаат исказите и доказите тогаш би требало да има и други негови разговори, ако се земе предвид податокот дека тој бил прислушуван од мај 2013 до средината на 2015 година. Тие го наметнуваат прашањето дали има и други разговори повикувајќи се на исказ на Томислав Лазаров, советник и координатор на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Општина Центар во периодот на протестите. Имено, наведуваат дека Лазаров, кој исто така беше обвинет, но призна вина и доби условна казна, во сведочењето кажал дека комуницирал со Јанакиески, па затоа одбраната вели дека ако е тоа точно тогаш треба да има и други разговори со ексминистерот.

На барањето за дополнителни докази, обвинителот Гаврил Бубевски не се противеше на дел од нив, но за поголемиот дел, меѓу кои и за барањето за нови сведоци и за бомбите, рече дека не се релевантни и смета дека се предлагаат само за одолговлекување на постапката.
Судијата Душан Јосифов во образложението за одбивањето на доказите рече дека не се однесуваат на нови околности што се појавиле во текот на постапката.
По неговото решение, со презентирање на десетината докази што беа прифатени заврши и денешното судско рочиште. На наредното странките ќе почнат со изнесување на завршните зборови, по што набргу се очекува да има и пресуда во овој случај.
На 24 септември завршни зборови ќе почне да дава обвинителството. Тоа тврди дека зад протестите стои ВМРО-ДПМНЕ, наспроти денешните тврдења на одбраната дека партијата не е организатор.
Тие, според поранешното СЈО, биле организирани со образложение дека се против наводно запирање на изградбата на црквата „Свети Константин и Елена“ на улица „Македонија“, а всушност причината била да се спречи седница на Советот на Општина Центар на која требало да се променат деталните урбанистички планови, меѓу кои и оној за „Мал ринг“.

Тогаш локалната власт во Центар ја имаа СДСМ и коалицијата, со Андреј Жерновски како градоначалник, додека извршната власт и Градот Скопје беа во рацете на ВМРО-ДПМНЕ.
Овој случај е еден од првите два за кои своевремено СЈО покрена обвинение. Заедно со обвинението за случајот „Тврдина“, кој се однесува на уништување на документација во поранешната УБК, СЈО на 15 септември 2016 година до Кривичниот суд во Скопје го поднесе обвинителниот предлог и за насилството.
Во случајот беа опфатени 14 лица, од кои првообвинет е поранешниот премиер Никола Груевски, кому му се суди во отсуство, а второобвинет Миле Јанакиески. Помеѓу обвинетите е и поранешната пратеничка и советничка во Општина Центар, Даниела Рангелова.
Сите се обвинети за поттикнување насилство за време на протестите пред просториите на Општина Центар летото 2013 година.
Предметот сега е во рацете на редовното обвинителство, кое ги презеде случаите од СЈО минатата година, а Фатиме Фетаи и Гаврил Бубевски, со овластување од Љубомир Јовески, останаа застапници на обвинението.
Во октомври лани постапката започна одново поради тоа што изминаа 90 дена од последното одржано рочиште, а главната расправа продолжи во фаза на доказна постапка.
Рочиштата за овој предмет беа повеќепати одложувани поради отсуство на некој од вклучените во постапката, но и поради седницата на Советот на јавни обвинители во врска со постапката за разрешување на Катица Јанева (29 август 2019), поради примопредавањето на предметите од СЈО во ЈО (10 септември 2019) и поради тоа што предметот со сите списи беше даден во Судскиот совет (25 септември 2019).