Ден пред крајот на кампањата на претстојните предвремени парламентарни избори ВМРО-ДПМНЕ објави видео порака со поддршка од унгарскиот премиер Виктор Орбан. Во првиот дел од обраќањето шефот на унгарската влада вели дека македонскиот и унгарскиот народ се „судбински поврзани“ и објаснува зошто за него и за Унгарија не е сеедно кој ќе победи на изборите.
„Почитувани наши македонски пријатели. Ве поздравувам од Будимпешта. Познато ми е дека вие сега сте исправени пред донесување на важна одлука, се подготвувате за важни избори. И ние ги следиме овие работи, бидејќи не ни е сеедно каков ќе биде резултатот на овие избори. Ние со вас судбински сме поврзани. И покрај тоа што ние сме веќе внатре во ЕУ, а вие се уште надвор од неа, историите на унгарскиот и македонскиот народ во минатото често пати беа поврзани. Можеме многу да помогнеме едни на други. Ние на вас, но и вие на нас. Од таа причина не е сеедно, на претстојните избори во Македонија, каков резултат ќе постигнат нашите пријатели“
вели Виктор Орбан во видео обраќањето.
Во продолжението на пораката Орбан повикува да се гласа за ВМРО-ДПМНЕ. Една од причините, вели премиерот на државата која го организираше бегството на екс-премиерот Никола Груевски од Македонија до Унгарија, е што земјава помогнала во борбата против миграцијата.
„Не сакам да порекнам дека изборот е на македонскиот народ, вие ќе избирате, вие можете за себе да одберете влада која ќе ви даде повеќе од досегашната влада на власт. Сепак, ние тука во Унгарија навиваме за нашиот пријател Мицкоски и би сакале како победник да го видиме ВМРО, бидејќи во борбата против миграцијата заедно со нив изградивме таква соработка, базирана на националната гордост, а со цел на одбрана на нашите семејства и слободата, која ни влева доверба во прашањето на иднината. Верувам дека ќе имаат добар настап и се надеваме дека вие ќе ги подржите и Македонија ќе добие Влада со која во годините кои ни претстојат ние Унгарците добро ќе соработуваме и заедно ќе градиме поубава иднина и на која Влада ќе можеме, ќе можам и јас лично, да пружаме помош со цел што побргу да станете земја-членка на Европската Унија“,
вели Орбан.