Новото издание на емисијата „360 степени”, во кое гостува Венко Филипче, лидер на СДСМ и пратеник во Собранието, се емитува вечерва (26 мај 2025 г.) од 20:15 часот на МРТ 1
Дали СДСМ ќе го поддржи договорот „влада со влада“ со Обединетото Кралство кој, според најавите, обезбедува рамка од шест милијарди евра за финансирање инфраструктурни проекти во земјава – е една од темите за кои разговараме со лидерот на социјалдемократите и пратеник Венко Филипче, кој гостува во новото издание на емисијата „360 степени“ на МРТ 1. Го прашуваме зошто СДСМ сега инсистира на натпартиски консензус за вакви проекти, а не го стори тоа од позиција на власт при договарањето со „Бехтел и Енка“ и дали исти или слични преговори со Обединетото Кралство се воделе и со претходната влада на СДСМ и ДУИ. Разговараме и што навистина може да се добие од лидерска средба особено што Филипче неодамна се сретна со премиерот Христијан Мицкоски. Во интервјуто тема се и случајот „Онкологија“, конкретно повикот од ВМРО-ДПМНЕ и лидерот на СДСМ да биде опфатен со овој случај, како и основите за добивање златна виза за Дубаи. Разговараме и за заминувањето на Арбен Таравари од власта, можни коалиции за локалните избори, кандидатите за градоначалници и резултатот од изборите. Неизбежна тема е и трагедијата во Кочани.