Ноќна смена на блокадата на патот што води кон депонијата „Русино“ кај Гостивар. Активистите на граѓанската иницијатива „Стоп Русино“ повеќе од еден месец чуваат стража. Мотивирани се да истраат во барањето за целосно затворање на депонијата.
„Преку ден повеќето се на работа. Преку ноќ се собираме вака повеќе. Како издржуваме? Можам да речам дека најубаво издржуваме зашто се работи за нашето здравје“,
вели Шино Јусуф – жител на Долна Бањица.
„Имаме наши барање кои сакаме да се исполнат во целост, а не само ‘бош-муабети’ што ги кажуваат тие. Ние сме тука 24 часа и остануваме тука за вас гостиварци“,
рече Арѓент Алили – граѓанска иницијатива „Стоп Русино“.
Дневните смени се со помалку луѓе, но задачата е иста – да се пропуштаат само камионите со ѓубре на гостиварски „Комуналец“ кои се на списокот што го имаат активистите. За отпадот што досега овде го депонираа останатите полошки општини, рампата е спуштена.
„Лично како граѓанин на оваа земја, сум разочаран зашто нема никаков слух и сме третирани како да бараме нешто апстрактно, а ние бараме нешто што е нелогично и апсудрно да се реши и да се затвори депонија којашто постои 20 години и загадува и почва и воздух“,
смета Владимир Наумоски – граѓанска иницијатива „Стоп Русино“.
Депонијата е неколку километри погоре од стражарската позиција. До неа води пат кој во најголем дел е земјен. Од птичја перспектива се гледа колку блиску е градот. Кога ѓубрето гори, чадот лесно стигнува до таму.
На снимките на еко-активистите од пред речиси еден месец се гледа како гори ѓубриштето што беше и повод за нивните протести по гостиварските улици и поставувањето блокада на патот.
Надлежните попуштија под притисокот, но само со „брзи мерки“ за санација. Голем дел од отпадот сега е прекриен со земја. Камиони постојано овде истовараат ѓубре. Потоа куповите се зарамнува со механизација и треба постојано да се затрупуваат со земја.
Од депонијата неконтролирано тече исцедок – црна течност за која познавачи тврдат дека е многу штетна за околината. Овој поток води кон старата депонија која е малку подолу и таму формира езерце, а од тука се слева во Сушичка река и во полето. Според чадот кој излегува од ѓубрето, најверојатно, и оваа депонија е активна.
Еден од активистите на „Стоп Русино“ сакаше да ни докаже дека депонирањето овде е неконтролирано, покажувајќи ни што сѐ се остава на „Русино“. Празниот ковчег најверојатно е од починат од ковид-19.
„Како што можете да видите, ова не е ни депонија, ова е диво губриште. Се наоѓа на околу 850 метри надморка висина, обиколена со прекрасна шума, прекрасна природа. Секој нормален човек би се запрашал што бара ова овде“,
вели Десо Матески – граѓанска иницијатива „Стоп Русино“.
На околу два километри од депонијата е селото Сушица. Никола Трпески со пријателите правеше домашна ракија. Раскажува дека тие се противеле на отворањето на депонијата пред речиси 20 години од причини кои денес се покажале оправдани.
„Пред депонијата, во нашево село, долу по бреката, садевме пченка, компири, пиперки, патлижани и сите градинарски производи успеваа. Откако се направи депонијата од неа истекува вода и реките се катран, тоа веќе не е за употреба. Ние веќе сме уништени – прво, нашето село“,
смета Никола Трпески – жител на Сушица.
Надлежните, иако често споменувани, тешко е да се посочат. Градоначалникот на Општина Гостивар, Арбен Таравари, вели дека нема ингеренции.
„Во март 2018 година, само пет месеци откако бев назначен за градоначалник, премиерот ги зеде сите ингеренции, за сите регионални депонии, вклучувајќи го и ‘Русино’. Оттогаш ние како Општина Гостивар единствено што можеме да направиме е да внимаваме таму да не носат отпадоци од други градови и да затрупаме кога се носи отпад, меѓутоа не се знае кој е сопственик на депонијата. Општина Гостивар сигурно не е“,
тврди Арбен Таравари – градоначалник на Општина Гостивар.
Од Владата, пак, велат дека донесувањето „Одлука за давање согласност“ од Сoветот на општината не значи и одземање на ингеренциите за управување со отпадот. Согласноста се однесува на воспоставување регионален систем за управување со отпадот, односно регионална депонија и придружна инфраструктура, за што Владата се ангажира во сите осум плански региони. Во дел, регионални депонии ќе се прават со пари од ИПА, во дел со пари од ЕБРД, а за „Русино“ и Полог се обезбедени пари од швајцарската влада.
„Она што успеавме да го направиме со овој проект финансиран од швајцарската влада е да ги подготвиме сите неопходни документи за да можеме понатаму да го развиваме системот. Последната фаза се брзите мерки коишто треба да се имплементираат на локацијата во ‘Русино’ што подразбира дека таа локација ќе биде ставена под контрола“,
изјави Ана Мазневска Каранфилова – раководител на сектор за управување со отпад при МЖСПП.
Што значат брзите мерки, објаснуваат од Полошкиот плански регион, кој е носител на проектот поддржан од Швајцарија.
„Ни дадоа средства за да се справиме со исцедокот, да направиме еден привремен систем за третман на исцедокот, поставување вага за да можеме уште во оваа фаза да мериме кој колку носи од општините за да можеме да наплатиме по фер основа – загадувачот плаќа, како и средства за изградба на пристапен пат до самата вага“,
рече Фатмир Саити – раководител на Центарот за развој на полошкиот плански регион.
Потоа би следеле дополнителни инвестиции за модернизација со кои би се отстраниле сите ризици по животната средина. Експертите кои работат на проектот сметаат дека така депонијата „Русино“ може да се користи во следниве 8 до 10 години, период што би се искористил за одредување нова локација за регионална депонија.
„Таа нова локација прво треба да се најде, второ за неа треба да се изработи урбанистичко-планска документација, потоа треба да се подготви техничка документација за изградба на самата депонија, да се добијат сите дозволи, па да отпочне со работа. Сето тоа одзема многу време. ‘Русино’, всушност, претставува едно транзициони решение коешто ќе не доведе до фаза во Полог да имаме депонија согласно сите стандарди и сите препораки на Европската Унија“,
објаснува Филип Иванов – заменик тим-лидер на проектот, експерт за управување со цврст отпад.
Активистите на „Стоп Русино“, пак, не се задоволуваат со ништо помалку од затворање на депонијата сега и веднаш.
„Се надеваме дека Владата ќе ни даде поддршка и ова ќе се затвори конечно“,
додава Десо Матески – граѓанска иницијатива „Стоп Русино“.